Македонија
Османи: Историски избори се пред нас, 19 октомври е референдум за иднината на Чаир
Овие избори се историски во Чаир, ова е референдум за иднината на Чаир, но и референдум за достоинството на граѓаните, истакна кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција, последната пред завршувањето на кампањата. Тој порача дека изборите во недела на 19-ти октомври се историски момент за општината и за достоинството на граѓаните.
„На овие избори има само две страни. Од една страна се граѓаните на Чаир, народот кој чесно работи, скромно живее и ја сака општината. Сите вие кои сакате ред, почит и грижа за општината која ја заслужувате. Од друга страна се оние кои ја узурпираа општината за себе. Кои 20 години ја користеа за сопствено богатење, кои 20 години нудат празни ветувања пред избори а потоа продолжуваат со иста песна, корупција, неред и работа само за себе“, истакна Османи.
Според Османи, токму затоа на Чаир по 19 октомври ќе му се случи земјотрес од промените што граѓаните секој ден ги бараат.
„Тоа не се далечни ветувања, туку конкретни обврски што ќе ги реализира веднаш по преземањето на функцијата. Ова не се ветувања за некоја иднина, ова се конкретни обврски кои ги преземам доколку ми ја доверите довербата. Но, ова не е само битка за подобра општина, ова е битка за достоинството на граѓаните“, нагласи Османи.
Во своето обраќање, тој остро предупреди на политичките и општествените процеси што, како што рече, го загрозуваат европскиот курс на државата.
„Денес гледаме како ‘српскиот свет’ продира во државата, како нашата заедница се турка на маргините, како европскиот сон се оддалечува. Чаир не смее да стане симбол на пораз. Чаир мора да биде бастион на достоинството“, изјави Османи.
Тој порача дека гласањето во недела, на 19-ти октомври има значење што оди подалеку од локалните избори.
„Вашиот глас е повеќе од локален избор. Вашиот глас е порака дека граѓаните стојат исправени, дека нема назадување, дека Чаир е срцето на нашата сила. Чаир е нашата гордост и граѓаните нема не дозволуваат никој да им гази по гордоста“, порача Османи.
Во завршницата, тој се осврна на неговиот противкандидат, нагласувајќи дека граѓаните имаат јасен избор меѓу минатото и иднината.
„Мојот противник имаше 20 години. 20 години и што добивме? Урбан хаос, дивоградби, стагнација. Ако за 20 години не донесе ред, нема да донесе ниту за 4. Чаир има избор, или да остане заробен во минатото или да отвори врата кон иднината“, истакна Османи.
Тој ја заврши пораката со повик до граѓаните да не останат рамнодушни на изборите на 19-ти октомври.
„Знам дека многумина сте разочарани и велите ‘сите се исти’. Но тоа не е вистина. Разликата е во тоа дали ќе останете дома и ќе дозволите други да одлучуваат за вас, или ќе излезете и ќе ја земете иднината на Чаир во свои раце“, потенцираше Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски во дводневна посета на Лондон на Самитот за Западен Балкан
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со владина делегација ќе присуствува на Самитот за Западен Балкан, кој оваа година се одржува во Лондон, Велика Британија.
Од Владата соопштија дека Мицкоски, заедно со вицепремиерот Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, како и министерот за евроинтеграција Орхан Муртезани ќе учествуваат на голем број состаноци во состав на Берлинскиот процес.
„На маргините на самитот, а и во рамки на посетата на Обединетото Кралство, предвидени се голем број на билатерални средби, за што навремено ќе ја информираме јавноста. При посетата на Обединетото Кралство, владината делегација ќе оствари повеќе економски работни средби кои ќе преставуваат економски исчекор за меѓусебната соработка“, велат од Владата.
Македонија
Мојсоска: 3.000 гласа вредни како 30.000, нашата борба можеби е тешка, но е праведна
Скоро 3.000 гласа вредни како 30.000, со овие зборови Јована Мојсоска, актуелен пратеник и кандидатка за градоначалник на Струга, им се заблагодари на своите сограѓани за поддршката на локалните избори. Во објава на социјалните мрежи, Мојсоска порача дека секој глас добиен за Левица е „чист како солза“, без поткуп, уцени или закани, туку даден од искрена желба за подобро утре.
„Мои стружани и стружанки, фала ви од срце за секој глас и поддршка, секој наш глас е чист како солза, без поткуп, уцени и закани – туку од искрена желба за промена и подобро утре. Тие чесни луѓе кои го ставаат јавниот пред личниот интерес се хероите на нашето време! Позитивниот прием кој го осетив изминатиов месец е само показател дека стружани имаат желба за промена и дека нашата борба допрва претстои“, истакнува Мојсоска.
Таа најави дека заедно со советникот Климе Карамитре ќе се борат за интересите на сите граѓани, со цел да се спречат, како што вели „лукративните пазари на бизнис партиите“.
Особено ја радуваат, додава, резултатите во градот, каде што на шест избирачки места, во училиштата „Ибрахим Темо“ и „Јосип Броз Тито“, Левица освоила прво место по број на гласови.
„Ме радуват и драстично зголемениот раст на поддршката во Подгорци, Октиси и Лабуништа – што покажвит дека времето на Левица во Струга допрва доаѓа“, додава таа.
Мојсоска завршува со порака: „Фала ви од срце убај луѓе – нашата борба можеби е тешка, но е праведна!“.
Македонија
Најголема победа во првиот круг има Јане Мицевски во Сопиште со освоени 80,2% од гласовите, вети нов резервоар за вода
Кандидатот за градоначалник на Сопиште од ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, извојува најголема победа во првиот круг на овие локални избори со освоени 80,2% од гласовите на жителите со право на глас. Од запишаните 5.483 гласачи во оваа општина, на гласање излегоа 2.937 жители, а за него гласаа 2.524.
Тој на жителите на Сопиште им вети нов резервоар за вода, како еден од посериозните проекти на кои ќе работи во претстојниот мандат покрај многуте проекти за подобрување на инфраструктурата, спортот, образованието, безбедноста, транспортот и културата на кои рече дека активно ќе работи.
Мицевски на овие избори доби втор мандат од жителите на Сопиште. Тој и досега беше градоначалник на Сопиште. И во 2021 година во првиот круг беше избран за градоначалник со освоени 67,96% од гласовите кога за него гласаа 2.161 жител на општината.
Зад Мицевски со освоени 79,73% од гласовите е победата на Александар Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ во Илинден, кој исто така на овие избори доби втор мандат од граѓаните. Од вкупно запишани 14.908 гласачи, на гласање излегоа 7.746, а за него гласаа 6.386 граѓани.
И на претходните избори во 2021 година кога го доби првиот градоначалнички мандат, Георгиевски беше избран во првиот круг со освоени 54,75% од гласовите кога за него гласаа 4..861 жител на Илинден.
Меѓу тројцата градоначалници кои извојуваа најголема победа во првиот круг на овие избори е и Борче Митевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во Петровец доби петти мандат со освоени 77,43% или 3.493гласа. Во оваа општина се запишани 8.144 избирачи, а на гласање излегоа 4.410.
Убедлива победа има и Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ во Штип со освоени 76,74% од гласовите со што доби втор, последователен мандат.
Со 74% од гласовите победа во прв круг и втор мандат освои и Славе Андонов од ВМРО-ДПМНЕ во Василево.
Со убедлива победа трет мандат на овие избори освои Митко Јанчев кој доби 73,89% од гласовите, следуваат Марко Колев со освоени 73,34% од гласовите во Велес, Тодорче Николовски во Кратово со 73,2%, Киро Нацков во Градско со 71,92% од гласовите, Ристо Манчев во Босилово со 70,12 % од гласовите, а останатите градоначалници добија поддршка помала од 70% од гласовите.
Процентуално најголема поддршка вчера доби кандидатот на Алијанса за Албанците во Врапчиште, Исен Шабани. Тој според податоците од Државната изборна комисија доби 88,13 % од гласовите, но гласањето мора да се повтори поради мал одѕив на изборите На гласање излегле 24,41% од запишаните граѓани со право глас место една третина колку што пропишува Изборниот законик.
Во првиот круг избрани се градоначалници во 43 општини,а во останатите, како и во Град Скопје градоначалник ќе се бира во втор круг, на втори ноември.

