Македонија
Османи – Лајчак: Имаме високи очекувања од ЕУ и активно се подготвуваме за почетокот на преговорите
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина.
Во оваа пригода министерот Османи посочи дека Република Северна Македонија високо ја цени улогата што од страна на ЕУ му е доделена на амбасадорот Лајчак како посредник во разговорите помеѓу Србија и Косово, како и на други прашања во регионот.
„Како непосредни соседи на Косово и Србија, имаме особен интерес од успехот на дијалогот Приштина – Белград посредуван од ЕУ. Приближување на ставовите на двете страни и нормализацијата на односите меѓу двете земји ќе претставува огромен влог во стабилизацијата и европеизацијата на целиот регион“, посочи Османи
Тие разговараа и за европската перспектива на Северна Македонија, за добрососедските односи, регионалните иницијативи, како и за очекувањата во периодот што претстои.
„Имав исклучително успешна посета на Брисел на средби со високиот претставник на ЕУ, Борел, како и еврокомесарот за проширување, Вархељи. Во очекување сме на годишниот извештај од страна на Комисијата, како и на економскиот план за Западен Балкан, кој го најави еврокомесарот Вархељи. Дома сме посветени на реформите, со акцент на владеењето на правото, како и на финализација на сите политички и административно-технички подготовки за почетокот на преговорите до крајот на годината“, истакна Османи упатувајќи уверување до посебниот претставник Лајчак дека земјата ќе биде навремено подготвена за одржување на првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите со ЕУ.
Соговорниците се согласија дека одржувањето на првата меѓувладина конференција Македонија – ЕУ до крајот на годината е важна не само Северна Македонија, туку и заради пораката што ќе се испрати до целиот регион. Тоа ќе претставува потврда дека политиката на проширување на ЕУ продолжува, но и дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

