Македонија
Османи – Мас: Крајно време е ЕУ да ја спроведе одлуката и да почне пристапни преговори со Северна Македонија

Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Германија, Бујар Османи и Хајко Мас, се сретнаа денеска попладне во Берлин.
На средбата се разговараше за теми поврзани со европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за најновите регионални случувања. Главниот фокус на состанокот беше ставен на завршување на стратешката цел на Северна Македонија, членство во ЕУ, и во тој контекст очекувањата и перспективите за следниот самит во Брдо на ЕУ-СБ во Крањ, Словенија.
„Пријателите и партнерите ги земаат предвид меѓусебните перспективи и интереси. Нашиот состанок беше длабинска размена за изгледите за следниот исчекор на Северна Македонија кон Европската Унија. Привилегија е да се има Германија за пријател и поддржувач, која искрено помага да се реализираат овие наши стратешки цели како важна геостратешка инвестиција“, истакна Османи.
„Крајно време е Европската Унија да ја спроведе консензуалната одлука донесена во март 2020 година и да почне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Сакам да изразам целосна поддршка за словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, кое вети дека ќе стави крај на сегашниот ќор-сокак. Самитот во Брдо мора да испрати недвосмислена порака за остварливоста за пристапување на Западен Балкан. Политиката за проширување ќе добие голем кредибилитет со напредок во досието на Северна Македонија набргу. Сакам да истакнам дека постои силен консензус меѓу политичките партии во германскиот Бундестаг во однос на нашата континуирана поддршка за пристапниот пат кон Западен Балкан во ЕУ. Нашиот ангажман ќе продолжи низ и надвор од тековната фаза на транзиција и по формирање на новата влада“, истакна министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас.
На средбата соговорниците разговараа и за севкупниот развој на билатералните односи, економската соработка, ситуацијата во врска со пандемијата на Ковид-19, актуелните надворешнополитички прашања, како и соработката во многубројни мултилатерални организации, соопштија од Министерството за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Унгарската претседателка без коментар за азилот на Груевски: Се радувам што се развиваат односите меѓу нашите држави

Унгарската претседателка Каталин Новак се огради од дадениот азил на експремиерот на Македонија, Никола Груевски. Прашана од „Макфакс“ како може Унгарија, земја членка на ЕУ да даде азил на лице кое е на црната листа на САД и ексфункционер кој се гони за криминал и корупција – таа немаше конкретен одговор.
Посочи само дека се радува што Груевски не ги нарушил односите меѓу Македонија и Унгарија.
„ Првиот дел во однос на Груевски би сакала да кажам дека тоа е во надлежност на нашето правосудство и јас за тоа многу се радувам дека во рамките на мојата посета, се уверив во тоа дека нашата меѓусебна соработка на ниво на држава се развива успешно и дека имаме добра основа и понатаму да се гради и развива и дека односите меѓу унгарските и македонските граѓаните се на високо ниво и тоа не влијае на никакви криминални прашања и на никакви криминални односи“, одговори Новак на прашањето од „Макфакс“.
Експремиерот Никола Груевски во 2018 година избега од Македонија во Унгарија каде експресно доби политички азил. Македонија бараше екстрадиција поради судските постапки кои се водат против него, но барањето беше одбиено. Пет години, никој не сноси одговорност за неговото бегство кое се случи непосредно пред да влезе во затвор за случајот „Тенк“ односно набавката на луксузниот „мерцедес“.
Македонија
Македонската Армија е подготвена да даде секаква поддршка за помош на Турција, порача Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска со изрази за сочувство до Турција и турскиот народ по силниот земјотрес.
„Изразувам длабоко сочувство до турскиот народ и нашите сојузници од Турција, но и подготвеност за помош во овие тешки моменти за нашите пријатели“, пишува Петровска на нејзиниот фејсбук профил.
„Македонската Армија е подготвена да даде секаква поддршка за да помогнеме во напорите со справување со последиците од оваа страшна катастрофа и спасување на колку може повеќе човечки животи“, додава Петровска.
Нашиот народ, вели таа, знае што значи солидарност и подадена рака во тешки моменти кога ни е најпотребна.
Македонија
Двајца македонски ученици меѓу повредените во земјотресот во Турција

Двајца македонски државјани се повредени во земјотресот во Турција. Според информациите од МНР, се работи за ученици кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Турција.
„ Министерството за надворешни работи преку своите Амбасадата во Анкара и генералниот конзулат во Истанбул обезбедија информации и стапија во контакт со деветте наши државјани кои се наоѓаат во загрозениот регион. Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција. Како последица од земјотресот, двајца од учениците се здобиле со телесни повреди: едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање – додека вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и Менторот не е во животна опасност.
Досега нема информација за други наши државјани кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција, но нашите претставништва остануваат континуирана комуникација како со надлежните институции на Турција, така и со наши граѓани кои се информираат и кои информираат за состојбите на терен. По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции.
Ја користиме приликата уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732. “ велат од МНР.