Македонија
Османи – Мередов: Соработката меѓу Центарот на ОБСЕ во Ашгабат со државните институции носи директен бенефит за луѓето во Туркменистан

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на својата посета на Туркменистан имаше средба со министерот за надворешни работи, Рашид Мередов, со кого одржа и заедничка прес-конференција.
На средбата со Мередов разговарале за теми од заеднички интерес поврзани со ОБСЕ, а се осврнале и на регионалните прашања што ги засегаат Туркменистан и поширокиот регион на ОБСЕ.
„ОБСЕ минува низ турбулентен период. Воената агресија на Русија врз Украина продолжува да се заканува на целокупната стабилност на регионот на ОБСЕ предизвикувајќи, пред сè, огромно човечко страдање. Тоа не само што ја загрозува работата на ОБСЕ туку има силно влијание врз нашите земји оставајќи длабоки социо-економски последици за луѓето“, истакна Османи.
Регионот на централна Азија, пак, исто така е погоден и од економската и и од социјалната нестабилност во Авганистан, уште една ситуација за која е потребен заеднички одговор во рамките на ОБСЕ за ублажување на ризиците, рече Османи.
„ОБСЕ ќе продолжи да служи како единствена платформа за дијалог и ќе ги поддржи земјите учеснички во справувањето со овие влијанија преку рамката за акција на ОБСЕ како одговор на импликациите од ситуацијата во Авганистан за регионот на ОБСЕ“, истакна Османи на прес-конференцијата.
Османи и Мередов разговараа и за поддршката што Туркменистан ја добива преку Центарот на ОБСЕ во Ашгабат во насока на помош на земјата за борба против корупцијата, управувањето со граничната безбедност во насока на ефективно справување со прекуграничните предизвици, помош на ранливите групи, особено помош за сузбивање на родово базираното насилство.
„Ова се само неколку од многуте области во кои соработката помеѓу теренската мисија на ОБСЕ со државните институции носи директен бенефит за луѓето во Туркменистан“, рече Османи.
Регионот на централна Азија е еден од клучните региони на ОБСЕ и програмата на претседавањето на Северна Македонија со Организацијата во 2023 година посветува големо внимание на справувањето со ризиците со кои се соочува овој регион.
Петте земји од централна Азија, Туркменистан, Таџикистан, Киргистан, Узбекистан и Казахстан, минатата година одбележаа 30-годишнина како земји учеснички на ОБСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.