Македонија
Османи на Варшавскиот безбедносен форум: Иднината на ЕУ и на Западен Балкан се неразделно поврзани

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на Варшавскиот безбедносен форум, каде на панелот насловен „ЕУ – кредибилен партнер за Западен Балкан? Научени лекции од глобалната пандемија“, говореше за солидарноста и соработката во контекст на пандемијата со Ковид-19, како и светот потоа, за националните и глобалните интереси во сферата на здравствената заштита, излезните стратегии, безбедносните предизвици, но и за геополитичките влијанија што ги предизвика пандемијата.
„Иднината на ЕУ и на Западен Балкан се неразделно поврзани, поради што предизвиците, како што е прашањето на справување со пандемијата, мора да бидат надминати преку заеднички и унифициран пристап. Пандемијата покажа дека концептот на безбедност мора да се редефинира и прошири. Тоа повлекува промени во нашите национални стратегии, но и промени во планирањето од страна на НАТО, поддржано и на последните министерски состаноци. Пандемијата воедно го потсети светот за важноста од вложувањето во јавното здравство и научната соработка и ни докажа колку сме поврзани и колку од нас бара заеднички пристап“, истакна Османи.
Министерот зборуваше за досегашната поддршка и помош во справувањето со предизвиците на пандемијата, како во рамките на институциите на ЕУ, така и за билатерална поддршка која во континуитет ја добива нашата земја. Во тој контекст напомена дека на самитот ЕУ и Западен Балкан една од темите ќе биде за Економскиот и инвестицискиот план за регионот, за создавање услови за инвестиции и развојни проекти, план кој треба да даде ново, силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, да поддржи зелена и дигитална транзиција.
Варшавскиот безбедносен форум (WSF) е водечка европска платформа посветена на трансатлантската соработка, фокусирана на изнаоѓање одговори на заедничките безбедносни предизвици. Конференцијата оваа година обедини над 1.500 учесници од 40 земји, меѓу кои шефови на држави, министри, водечки личности на меѓународни и невладини организации, високи претставници од бизнисот, медиумите, академијата и граѓанското општество. Овој форум е во организација на Фондацијата „Касимир Пуласки“, во стратешко партнерство со НАТО, Бирото за национална безбедност на претседателот на Република Полска, а под покровителство на Министерството за надворешни работи на Полска. Настанот е коорганизиран со германскиот Маршалов фонд на Соединетите Држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.