Македонија
Османи не е сигурен дека ќе добиеме датум во јуни: „Топката е кај Софија и Брисел“
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, не е сигурен дека во јуни Македонија ќе добие датум за преговори за влез во Европската Унија. Според него, направено е сè што се барало, а доколку датумот не биде доделен, тогаш за одговорноста кажа дека е во Бугарија и ЕУ. Османи кажа дека ќе опадне и заинтересираноста на граѓаните за овој процес, со тоа Македонија ќе треба да се посвети на внатрешните проблеми.
„За рокови не можеме да зборуваме, не сме тие што одлучуваме. Ние бевме одговорни да ги испочитуваме сите рокови. Меѓутоа, да бидеме конструктивни, топката не е во нашиот двор. Топката е во Софија и Брисел. Тоа е нивна одговорност ако биде или ако не биде. Премногу вложуваме во ова прашање и ќе мора да се свртиме во прашањата дома, да продолжиме со реформите и процесите. Кога ЕУ ќе реши да даде сигнал за регионот, ние сме тука, никогаш нема да се повлечеме од амбицијата за ЕУ. Сметам дека сме и бевме пример кои ги надминуваме условите за започнување на преговорите со 40 отсто европско законодавство кое е дел од нашето, земја лидер во регионот во однос на политичките критериуми, лидер по однос на соседите. Сè тоа што се бара од една држава. Јас мислам дека има уште шанса, ќе продолжиме да бараме решение. Пораката која ја праќаме до ЕУ и Бугарија е дека се намалува можноста целото општество да се посвети на ова прашање. Затоа треба веднаш да се најде начин да се донесе одлука“, кажа Османи.
За преговарачката рамка и барањата на Бугарија нерешените проблеми да бидат дел од неа, Османи рече дека повеќето земји членки се против ваквиот предлог.
„Земјите членки се свесни дека тоа што ќе влезе во преговарачката рамка создава и преседани кои потоа треба да се следат. Тоа значи не е во прашање нашата преговарачка рамка, туку идниот процес на интегрирање. Гледам дека повеќето, се сензитивни за внесување билатерални прашања во преговарачката рамка. Мислам дека земјите се многу внимателни што ќе прифатат во преговарачката рамка“, додаде Османи.
За посетата на еврокомесарот Оливер Вархеј кажа дека била во насока да се надминат разликите меѓу Македонија и Бугарија.
„Со Вархеј се разменуваа идеи како да се надминат разликите во однос на содржината на преговарачката рамка, тој е претставник на Комисијата која ја предлага преговарачката рамка. Не можам да кажам што се размислувањата, но добро е што комесарот се движи во Скопје и Софија“, кажа Османи.
„Во однос на изјавата на Генчовска, не можам да кажам што мисли“, рече Османи за изјавата на министерка за надворешни работи на Бугарија.
Билатерален документ со Софија засега нема. Доколку има, тој пред пратениците и јавноста ќе биде презентиран откако ќе се постигне комплетна усогласеност.
„Преговарачката рамка треба да помине во Собрание. Треба да ја одобри. Но останатите прашања од билатералниот документ, пратениците ќе бидат информирани на седница кога ќе видиме дека сме се усогласиле. Не сме во таква состојба, тие имаат поинакви гледања во одредени прашања“, кажа Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

