Македонија
Османи: Новиот закон на МНР ќе одговори на предизвиците на надворешнополитичките приоритети
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес ја запозна пошироката јавност со новиот нацрт-текст на законот за надворешни работи за кој вели дека е конципиран на начин да одговори на сите предизвици на надворешнополитичките приоритети на земјата имајќи ги предвид новата позиција и реалност што Северна Македонија ги има во меѓународните односи како членка на НАТО и земја со одлука за почеток на преговори со Европската Унија.
„Потребата од професионализација, односно департизација на дипломатската служба, е висок приоритет на нашето општество, но и на моите лични заложби. Интенцијата што сакам да ја постигнам е деполитизација на службата преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности, соодветна и правична застапеност, како и професионализација на високите раководни позиции во Министерството“, истакна Османи.
Министерот нагласи дека најмалку 75 отсто од амбасадорите во иднина ќе бидат дипломати од кариера, што претставува драстична промена од постојното законско решение и обид за драстично подобрување на соодносот меѓу политички дипломати и дипломати од кариера.
Шефот на дипломатијата посочи дека една од новините на овој закон е воведувањето нова категорија економски советници, воведувањето механизам на внатрешна контрола во Министерството и ефикасен систем за оценување на работата на дипломатите.
„Ова е фазата кога нацрт-текстот излегува од просториите на Министерството и првично го споделувам со пошироката јавност. Посакувам што побргу да завршат интерните процедури на усогласување на одредбите во предлог-законот, да ја помине владината процедура, а потоа и собраниската процедура за законот да заживее и да почне да ја остварува својата функција поради што е и конципиран. Транспарентноста ќе го следи низ целиот процес на донесување, а јавните расправи и консултацијата со сите интересни и засегнати групи, тука, пред сè, мислам на дипломатските синдикати и пошироката фела, ќе бидат повеќе од добредојдени“, нагласи Османи.
„Новата законска рамка ќе биде темелот што ќе треба да ѝ даде една поинаква динамика на оваа професија, но и на угледот на државата“, дополни Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

