Македонија
Османи оптимист – очекува ЕУ да го валоризира напредокот на земјата

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, информира за актуелностите и состојбите во надворешната политика, а во контекст на засилената агенда во пресрет на претстојните самити на ЕУ во ноември и декември, кога се очекува и финализацијата на преговарачката рамка, како и одржувањето на првата меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите со ЕУ.
Османи информира за претстојните три важни посети во текот на оваа недела: утрешната посета на земјава од страна на еврокомесарот Вархељи, која доаѓа по денешното објавување на извештајот на Европската комисија за Северна Македонија и економскиот пакет за Западен Балкан; за првата официјална владина посета на НАТО во Брисел како полноправна членка на алијансата, каде што се очекува средба со генералниот секретар Столтенберг; како и за официјалната посета на министерот Османи на Софија в петок, каде што ќе има средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
Во рамките на очекувањата за постигнатиот напредок во европските интеграции, Османи посочи на реализација на многуте реформски планови изминатиот период, нешто што беше потврдено и во многубројни извештаи претходно, притоа посочувајќи го и успешно завршениот набљудувачки скрининг како прва фаза од пристапните преговори.
„Сите овие активности веќе беа валоризирани и преку одлуката на Советот на ЕУ од март за почеток на преговорите со Република Северна Македонија. Очекувам Европската комисија да го валоризира напредокот од аспект на содржинскиот дијалог со Европската комисија, кој неоспорно е кренат на повисоко ниво. Во оваа насока имаме обврска да продолжиме во иста насока и преку засилен ангажман и на Владата и на сите политички фактори да ја финализираме и да ја пополниме преговарачката структура со цел и политички и административно-технички да го пречекаме почетокот на преговорите на крајот на годината“, нагласи Османи.
Османи посочи и на начинот на кој земјата се справи со предизвиците од пандемијата укажувајќи на специфичните политички односи, кои претставуваа тест и за политичката и демократската зрелост на земјата.
„Начинот на владеење, преку неколкукратни вонредни состојби, и водење на политиката преку уредби на Владата претставуваше нов политички момент и тест за функционалноста на демократските институции. Постои општ впечаток дека овој испит го минавме покажувајќи висока политичка и демократска зрелост, особено фактот што во време на активна пандемија организиравме фер, слободни и компетитивни избори, со примена на сите мерки за превенција од коронавирусот“.
На брифингот Османи информира и за официјалната посета на Бугарија в петок оваа недела, каде што Министерот ќе оствари средба министерката Екатерина Захариева, што ќе претставува и негова прва официјална билатерална посета како министер за надворешни работи.
„Очекувам да испратиме пораки на пријателство, пораки на заемна поддршка, а во насока на заедничкиот интерес за европската иднина на целиот регион. Оваа посета претставува исполнување на првиот приоритет од мојата мандатна мисија како предводник на дипломатијата – а тоа е активен придонес во одржувањето и унапредувањето на добрососедските односи“, истакна Османи посочувајќи и на претстојниот софиски самит на берлинскиот процес како можност за реафирмација на пријателските односи меѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.