Македонија
Османи: Со Бугарија годинава имавме динамичен и интензивен дијалог за надминување на разликите

Министерот за надворешни работи Бујар Османи одржа годишен брифинг за претставниците на медиумите, кои ја следат надворешната политика, посветен на најзначајните надворешно-политичките активности на министерството за 2021 година.
Во рамките на брифингот беа истакнати постигнувањата и предизвиците во однос на добрососедските односи, европското досие на земјава, унапредувањето на билатералните односи, поставувањето на државата на мултилатерален план, како и многубројните проекти што се однесуваат на економската дипломатија и дијаспората.
Во областа на мултилатерализмот, министерот ја подвлече важноста од нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година, како и поднесените кандидатури за трите главни тела на ООН – Економскиот и социјален комитет (ЕКОСОК), Советот за човекови права и Советот за безбедност.
Османи ги издвои односите со САД како особено значајни не само за стабилноста на земјава, туку и на регионот како целина. Ги нагласи бројните контакти со високи американски претставници на кои беа истакнати одличните билатерални, односи и заедничките заложби за зајакнување на стратешкото партнерство преку гарантирање на слободата, безбедноста и демократскиот просперитет.
„Изминатава година ги посетив речиси сите земји од континентот Европа, а доста од нив имаа и возвратни посети на нашата држава на ниво на министри за надворешни работи. Од аспект на односите со Германија, тие остануваат наш значаен партнер во политичка и економска смисла. Имав исклучителни успешни официјални посети на Берлин на кои беше демонстрирана силната поддршка за нашите ЕУ интегративни процеси. Со Франција го потпишавме Договорот за формирање на Француската агенција за развој АФД во нашата држава, додека со Обединетото кралство го одржавме и првиот инаугуративен состанок на Советот за партнерство, трговија и соработка, што беше прв во Европа по брегзит“, истакна министерот Османи во делот на билатералната соработка со европските земји.
Во однос на европската перспектива, министерот нагласи дека нашата држава има кристално чисто досие што во неколку наврати е потврдено не само од институциите на ЕУ, туку и од останатите 26 земји членки, при што за следниот исчекор преостанува тргањето на ветото од Република Бугарија. Кога станува збор за односите со Бугарија, Османи посочи дека изминатава година постоеше динамичен и интензивен дијалог насочен кон надминување на разликите што ги имаме, сè со цел продолжување на нашиот евроинтегративен процес.
Министерот Османи се осврна и на постигнувањето на полето на економската дипломатија, нагласувајќи го упатувањето на економски советници во нашите амбасади во Абу Даби, Анкара, Варшава и Минхен, како и во Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации или ФАО, во Рим, што има за цел унапредување на економската соработка и привлекување странски инвестиции. Во насока на зајакнување на видливоста на земјава во светски рамки, го истакна учеството на Северна Македонија на ЕКСПО- ДУБАИ 2020, што претставува одлична можност за промоција на нашите бизнис-можности, туристичкиот потенцијал, етничката и културната разновидност.
Како особено значајни ги истакна проектите кои се однесуваат на подобрувањето на услугите на дијаспората, нагласувајќи го поставувањето на девет базни и пет мобилни станици во нашите амбасади, со што значително се скрати постапката за издавање патни исправи, а воедно, го нагласи постигнатиот успех за признавање на нашите возачки дозволи во 19 држави. Нашата посветеност на дијаспората се демонстрира и со упатувањето на првите дипломати за дијаспора, кои со својот ангажман треба да овозможат подобар увид во нивните потреби и зајакнување на соработката со матичната земја. Воспоставено е и признание за истакнатите припадници на дијаспората наречен МКарта, кои со своето делување придонеле за вистинска промоција на земјава во странство.
Што се однесува на редовните активности на Министерството, министерот Османи се осврна и на зајакнување на нашите дипломатска покриеност, нагласувајќи дека од преземањето на функцијата упатени се амбасадори во седумнаесет земји во светот, како и дека се работи на пополнување и на другите испразнети амбасадорски позиции. Дополнително, нагласи дека за 2022 година предвиден е најголемиот буџет на Министерството за надворешни работи во историјата во висина од една милијарда и шестотини и педесет милиони денари, или околу 27 милиони евра, со кои е предвидена реализација на бројни капитални инвестиции во нашите амбасади во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посакувам среќа да се победи во барем една општина: Костадинов до СДСМ откако најави ново делување

Aктуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, објави на социјалните мрежи дека поради тешката состојба на неговата партија ќе започне со ново интерпартиско делување.
„Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како. Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори“, пишува Костадинов.
Се повикува на целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини, како што вели, авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, „тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите“.
„Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина““
Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.