Македонија
Османи: Успеавме државата да ја поставиме на пиедесталот на меѓународната сцена

Денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по повод одбележување на 29 Април, Денот на Министерството за надворешни работи на прес конференција ги наброи клучните достигнувања на дипломатијата во последните четири години.
На 55 години, или повеќе од половина век, од создавањето и развојот на дипломатската служба, Османи ја истакна цврстата заложба и непоколебливиот стремеж на дипломатите за максимален придонес кон изградбата на нашата држава како отворено, културно богато, развиено и плуралистичко општество. Воедно, потенцира дека вистински успех е етаблирањето на државата во меѓународнaтa сцена како модерна и стабилна земја, успешен модел на функционална мултиетничка демократија, членка во сите важни регионални и меѓународни организации, земја која ги почитува меѓународните принципи и правила и земја која помага на другите земји при потреба.
„Во изминатите четири години направивме многу, како во однос на исполнувањето на главните стратешки приоритети во надворешната политика, така и во однос на реализацијата на нови проекти и иницијативи и со гордост можам да заклучам дека и покрај условеноста од комплицираните регионални и меѓународни случувања, успеавме Северна Македонија да ја поставиме на пиедесталот на меѓународната сцена како активен, доверлив и кредибилен фактор во глобални рамки“, истакна Османи.
Меѓу клучните достигнувања Османи ги издвои: почетокот на преговорите за членство во Европската Унија и целосната стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ; Стратешкиот дијалог со САД; поддршката на Украина; заедничкото учество со сојузниците во мисиите предводени од НАТО долж Источното крило на Алијансата, во рамки на зајакнатото истурено присуство во Латвија, во Романија и во Бугарија.
„Направивме видливи промени во регионални рамки, наметнувајќи се како регионален лидер во промовирањето на добрососедската политика преку изнаоѓање решенија на долгогодишните отворени билатерални прашања и преку промовирање стабилност во регионот. Како посебна додадена вредност за промовирање на државата во меѓународната сцена и во регионот беше иницирањето и развивањето на платформите: Преспа форум за дијалог, кој во јуни 2024, ќе го доживее своето четврто издание, неформалната платформа за политичка соработка Иницијатива Б6 и Иницијатива 8 за поддршка на инвестициските проекти долж Коридорот 8“, додаде Османи.
Османи ги изброи и следните успеси: членството во Црноморската економска соработка во 2020 г., во Меѓународната организација за сеќавање на холокаустот во 2021 и во Унијата за Медитеранот во 2022 г.; успешното претседавање со Фондот за Западен Балкан во 2021 г., со Медитеранските партнери на ОБСЕ во 2022 г., со ОБСЕ и со САД-Јадранската Повелба во 2023г. и актуелното претседавање со ПСЈИЕ кое ќе го завршиме во јуни оваа година, а во чии рамки како посебно значаен дел ќе биде одржано и четвртото издание на Преспа форумот за дијалог како и екипирањето на дипломатско конзуларните претставништва, унапредувањето на економската дипломатија, проектот МКарта, поставувањето базни и мобилни станици и СОС дежурната линија во ДКП-та.
Историјата на институција надлежна за надворешната политика започна на 29 април, пред точно 55 години, во Скопје, кога беа зачнати корените на дипломатската служба со формирањето на Бирото за односи со странство. По стекнувањето на независноста во 1991 година, ова исто тело прерасна во Секретаријат за односи со странство, за три години подоцна, конечно да се трансформира во Министерство за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.