Македонија
Османи – Шаленберг: Македонија и Албанија веднаш и без одложување да ги почнат преговорите со ЕУ
Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи му беше домаќин на сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Александар Шаленберг, кој е во работна посета на Република Северна Македонија.
Во пресрет на стратешката дебата на ЕУ за Западен Балкан, закажана за следната седмица во Брисел, како и претстојните јунски совети на ЕУ, во фокус на разговорите беше европското досие на нашата држава. Министрите се согласија дека нужно потребно е да се забрза пристапниот процес на сите земји од Западен Балкан, а особено да дојде до заслуженото отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, со што ќе се испрати силна порака дека Европската Унија ја смета интеграцијата на регионот за приоритетно прашање од геостратешки и безбедносен интерес, информираат од кабинетот на Османи.
„Aвстрија ни е стратешки партнер поради конзистентноста на поддршката што ја дава за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија и особено за Република Северна Македонија. Tаа конзистентност во текот на годините се манифестира и во Брисел и во Скопје, еве вчера и во Софија. За тоа сме благодарни бидејќи да се има еден пријател како Австрија овде, во непосредното соседство на Западен Балкан, е исклучително важно“, истакна Османи.
На разговорите станало збор и за продлабочување на развиената економска соработка меѓу двете држави. Со оглед дека Австрија е меѓу најголемите инвеститори во нашата држава, Османи изразил очекување дека бројот на австриски директни инвестиции во Северна Македонија ќе продолжи да расте во периодот што претстои. Двајцата министри се заложиле двете земји посветено да работат на приближување на бизнисите и зголемување на трговската размена, при што директната соработка на стопанските комори од нашата држава со Австриската стопанска комора е од огромно значење.
Соговорниците се осврнале и на политичко-економските реперкусии, предизвикани од руската воена агресија врз Украина, при што обединетоста на Европа, како и соработката преку Партнерството за мир на Австрија со НАТО, е исклучително важно за надминување на актуелните геополитички и безбедносни предизвици.
На средбата биле разменети мислења и во врска со мултилатералната соработка, со акцент на идното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.