Македонија
Османи – Штефан Холтхоф-Фертнер: Разговараме за економските потенцијали и надворешнополитичките прашања

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со министерот за сојузни, европски и меѓународни прашања на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Штефан Холтхоф-Фертнер.
На средбата стана збор за билатералната соработка, економските потенцијали од меѓусебната соработка, но и за надворешнополитичките актуелности во моментниот геополитички контекст.
Соговорниците разменија мислења и за можностите што ги нуди заедничката декларација за соработка меѓу владите на Република Северна Македонија и Северна Рајна-Вестфалија, која ја потпишаа министрите Османи и Холтхоф-Фертнер во февруари изминатата година, со цел подобрување на бизнис-релациите и давање поттик германски инвеститори, кои доаѓаат од Северна Рајна-Вестфалија, да инвестираат во нашата земја. Економската соработка со оваа покраина има значаен удел во севкупната економска соработка со Германија и овозможува трговската размена да е на највисоко ниво во изминатите години.
„Ние сме подготвени и посакуваме поинтензивна секторска соработка со најнаселената германска покраина, во која живее и работи значаен дел од нашата дијаспора во Германија и е седиште на многубројни водечки индустриски и бизнис-капацитети“, истакна Османи.
Министерот Холтхоф-Фертнер изрази задоволство од досегашната соработка со уверување дека таа ќе се интензивира како на политички така и на економски план. Германскиот соговорник ја реафирмира и покраинската поддршка, која игра голема улога во системот на одлучување на сојузно ниво за формално почнување на пристапните преговори на нашата земја со Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре без вода делови на Центар, Кисела Вода и Сарај

Поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф -80 мм на ул. Јордан Хаџиконстантинов Џинот бр. 21, утре од 8:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, како и дел од бул. Илинден и дел од ул. Аминта Трети (потегот околу градски парк), (општина Центар)
Поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф -100 мм на ул. Димо Хаџидимов бр. 64, од 9:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, како и дел од ул. Божидар Аџија и ул. Михаил и Ефтихиј (општина Кисела Вода)
Поради замена на затворачи во резервоарот за питка вода во с. Копаница, од 7:00 часот до завршување со работните активности, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од селата: Копаница и Буковиќ (општина Сарај)
Македонија
По третпат не дојдоа Камчеви за да сведочат за милионот

Граѓанскиот суд по третпат ќе се обиде да ги најде сведоците со кои бизнисменот Орце Камчев ќе се обиде да докаже дека дал 1,5 милиони евра на тужените Бојан Јовановски-Боки13 и Катица Јанева. Сметководителката во фирмите на Камчеви, Мирјана Бошковска, сопругата на бизнисменот, Ана Камчева, мајката Ратка Куновска-Камчева и сестрата Кристина Камчева-Стојческа ниту на денешното рочиште не дојдоа.
Сега, обврска да ги извести за терминот на следното рочиште, зема адвокатот Кристина Стојменова. Одлагање на рочиштето не им се допадна на адвокатите кои ги застапуваат Јовановски и Јанева. Судијата Андреј Димовски, сепак остави уште една шанса за Камчеви и сметководителката да дојдат на судење.
„ Се закажува рочиште за 6.6.2022 година, кога доказната постапка ќе продолжи со сослушување на сведоците“, кажа судијата Димовски.
Катерина Петкова, адвокат на Боки 13 сметаше дека повеќе судот не треба да ги чека сведоците. Според неа, тие не го оправдале нивното отсуство, за да им се даде нов термин да сведочат.
„ Тужителот имал можност да ги извести за закажаните судења и да го обезбеди нивното присуство“, кажа Петкова.
Бојан Јовановски-Боки 13 пак, бурно реагираше. Според него одложувањата на рочиштата е со цел да се прибави предметот од Врховен суд, а сведоците да се потсетат што кажале кога се судел предметот „Рекет“, за истото да го повторат.
„ Очигледна е потребата за потсетување на сведоците на она што го кажале во Кривичниот суд, бидејќи тој што не ја говори вистината брзо заборава што кажал“, кажа Боки 13.
Реакција против одлагањето на рочиштето имаше и од државниот правобранител Фитим Касапи.
Новото рочиште е закажано за една недела.
Македонија
Продолжува чистењето на кејот на реката Вардар

Екипите на ЈП Улици и патишта деновиве го чистат делот на кејот на река Вардар од пешачкиот мост кај населбата Злокуќани кон хотелот „Александар Палас“ и со тримери ја сечат обраснатата вегетација од косините на овој потег.
Досега се исчистени деловите од Железниот мост во Влае до мостот кај хотел „Александар Палас“. Активностите се одвиваат од двете страни од кејот, исто така исчистен е просторот од мостот „Обединети Нации“ до Железниот мост во Влае, како и делот кај „Желениот мост“ до објектот на ТВ Канал 5.
Во наредниот период продолжува интензивното сечење на обраснатата вегетација на кејот на реката Вардар, согласно Програмата за одржување на коритото на реката Вардар, нејзините притоки, реките Серава, Лепенец, Треска и на отворените канали на подрачјето на Град Скопје за 2022 година.