Македонија
Основната плата на полицајците е 16.300 денари, објави Синдикатот на полицијата и побара покачување од најмалку 15 отсто
Синдикатот на полицијата во Македонија (СПМ), кој се разликува од Македонскиот полициски синдикат (МПС), денес повторно јавно побара од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, зголемување на платите на полицајците за најмалку 15 % и објави дека основната плата на полицаецот е 16.300 денари. Орце Коцевски, претседател на Синдикатот, побара покачувањето на платите за полицајците да биде од овој месец и го обвини МПС за саботирање на процесот за зголемување.
„Бидејќи самонаречениот и самопрогласен за единствен, МПС, толку помпезно си молчи за ова прашање и со измислениот нивен збор ‘социјален дијалог’ не прават ништо за ова прашање, како Синдикат претходно јавно побаравме да го објават износот на основната плата за да дознаат нивните членови колку е основната плата на полицаец во МВР. Но, одговор не добивме до денес и веројатно нема да добиеме затоа што износот на основната плата на полицаец во моментот е ни помалку ни повеќе, туку 16.332 денара. Паралелно на тоа, ‘единствениот’, како што знае да се претставува само пред министерот, за да купи време и да ја скрие својата неспособност, од неодамна излезе со манипулативно барање пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија за наводни 20 % зголемување на платата. Јавноста и вработените треба да знаат дека правото на покачување на платите во МВР единствено и во согласност со законот го има министерот за внатрешни работи. Со самото тоа очигледен беше обидот на МПС со нивниот претседател за намерно саботирање на процесот за зголемување на платите бидејќи очигледно не е во полза за нив.
Денес, како Синдикат, до министерот јавно испраќаме барање од јануари 2024 година платите на сите вработени во МВР да бидат зголемени за 15 %“, вели претседателот на Синдикатот, Коцевски.
Тој уверува дека МВР може да ги покачи платите на полицајците од сопствениот буџет оти во моментот има пари за повисоки плати.
Коцевски нагласи дека не се откажуваат од нивното првично барање еден бод да биде платен по едно евро.
„СПМ во ниту еден момент не се откажа од барањето за 1 евро 1 бод, па нема ни сега. Но, мораме да се движиме со постојните можности и ќе продолжиме да го бараме тоа и да се надеваме дека во блиска иднина некој министер реално ќе може да го согледа тоа и ќе го претвори нашето барање за 1 евро 1 бод во реалност, која полицаецот апсолутно ја заслужува. ‘Да направиме од професијата полицаец една професија што ќе биде вреднувана во општеството, а особено во нашата држава. Зар не се тоа ваши зборови, господине Спасовски?“, рече Коцевски и најави дека во борбата за покачување на платата на полицајците не е исклучена можноста да го искористат и правото на штрајк.
Тој не сакаше да ги коментира тврдењата на министерот и дека платата на полицајците изминативе години е покачена 35 %, но рече дека полицајците пред неколку години живееле многу подобро отколку сега со тоа покачување.
Марјан Кицев, пак, претседателот на Македонскиот полициски синдикат, чии членови се далеку помногубројни од Синдикатот на полицијата во Македонија, во новогодишното обраќање го потсети членството дека во 2023 година во два наврата имало покачување на платите од 10 % и линеарно покачување од 2.000 денари за сите вработени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

