Македонија
Осомничени уште три лица во предметот „Адитив“: меѓу нив и претседателката на Антикорупциска
Во рамките на постапката што се води за предметот Адитив, како резултат на екстрахираните електронски докази обезбедени во досегашната постапка, предметните обвинители донесоа наредба за спроведување на истражна постапка против три лица, соопшти обвинителството.
До денес обезбедените докази укажуваат дека првоосомничениот бил член на групата што имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. Како вработен во едно од обвинетите правни лица, од месец јули 2022 до октомври 2024, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Искористувајќи ист траен однос и исти прилики и околности, на управителките на обвинетите правни лица им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело, со што им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договори за јавни набавки. Во периодот од месец декември 2023 до ноември 2024 година од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања од значителен износ, средства кои правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство. Овие средства со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптег и ги подигнувал во готово.
Второосомничената во септември 2024 година, како службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје на неповикано лице обвинето во предметот Адитив, на друг начин му сторила достапни податоци што во согласност со чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Имено, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата која се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од Известувањето.
Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности. Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК.
Со опишаните дејствија во диспозитивот од Наредбата и до денес прибраните докази, на првоосомничениот, како што појаснуваат надлежните, му се става на товар дека сторил кривично дело Злосторничко здружување, како помагач сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. Останатите две осомничени сториле кривично дело Одавање службена тајна.
Според соопштението, обвинителството од денес обезбедените докази во корелација со другите прибрани докази ја продолжува постапката во насока на утврдување и на евентуални други кривични дела и сторители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

