Македонија
Останав без колегите оти сите се заплашени со бркање од работа ако излезат и ѝ дадат поддршка на колешката повредена со два куршума, вели Деаноски од УПОЗ

Претседателот на Синдикатот на вработените во органите на државната управа, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски, денеска сам излезе пред Центарот за социјална работа – Скопје за да побара обезбедување на безбедноста на вработените во социјалните центри откога во Прилеп, колешка, на работното место, беше погодена со два куршума. Деаноски обвини дека по наредба на Министерството за социјална политика директорите и раководителите на скопските центри ги заплашиле вработените.
„Денеска беше замислено заедно со мене да има голем број вработени во Центарот за социјални работи, кои само сакаа да ѝ дадат поддршка на својата колешка и да побараат од работодавците побргу да има мерки за заштита на работното место на вработените. За жал, од вчеравечер, по наредба од Министерството за социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјална работа, останав без колегите бидејќи сите се заплашени. Им се закануваат дека ако излезат надвор и ѝ дадат поддршка на колешката и побараат какво било друго право, ќе бидат избркани од работа или ќе бидат распоредувани на други места“, рече Деаноски.
Бидејќи избрале да комуницираат со Синдикатот на УПОЗ преку медиумите, Деаноски ги охрабри и им порача дека за правата на работниците не треба да се молчи, туку треба да се борат и оти никој не може да ги избрка од работа ако сакаат да ѝ дадат поддршка на колешката.
Деаноски рече дека барањата на вработените во центрите за социјална работа се стари, од 2023 година, кога почнаа да се организираат во Синдикатот на УПОЗ, а се однесуваат на мерки за поголема безбедност на работните места.
„Треба да се знае дека центрите за социјална работа се специфична група на вработени. Секогаш работат со најмаргинализираната група на граѓани во нашето општество и секогаш се изложени на голем ризик во работата. Напаѓани се вербално, напаѓани се физички, а она што се случи пред некој ден во Прилеп беше кулминација на сите напади досега. Верувам дека и работодавците не сакаат тоа да се случи“, вели Деаноски.
По денешната осуда на нападот на вработената во Прилеп и најавите дека ќе преземат мерки за зголемување на безбедноста на работните места во центрите за социјална работа од Министерството за социјална политика, Деаноски изрази надеж дека мерките нема да се задоцнети. Тој потсети дека вработените во центрите работат во никакви услови, не добиваат надоместок за дежурство, не добиваат надоместок за приправност, влегуваат сами без полиција во случаи во кои има убиства, без никаква заштита, а за тоа немаат ниту бенефициран стаж. Овие проблеми Деаноски побара итно да бидат решени за да се избегнат исти или слични ситуации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Влошена е состојбата кај двајца критични пациенти кои се лекуваат по пожарот, информира Таравари

Влошена е состојбата кај двајца пациенти кои се лекуваат по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Вкупно четворица се во критична состојба.
Министерот за здравство, Арбен Таравари информираше дека се’ уште има и интубирани пациенти во тешка, но не и животно загрижувачка состојба.
Одлична вест е тоа што денес ќе бидат пуштени дома пет пациенти од хоспитализираните 21 во Скопје. Во странство се лекуваат 89 пациенти, а двајца се враќаат денес од Литванија и Шведска. Како и со претходните пациенти кои се вратија од странство, и тие, првин ќе бидат прегледани на скопските клиники, задржани 24 часа, па пуштени дома.
Македонија
Тошковски и Ристовски: Центарот за обука на МВР е клучна алка во системот на безбедност

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, остварија работна посета на Центарот за обука на МВР, каде што е во тек сеопфатна реконструкција на постоечките капацитети. Овој центар е клучна алка во системот на безбедност, каде што се обучуваат и подготвуваат идните полициски службеници и токму затоа вложувањето во неговата инфраструктура е вложување во стабилноста и безбедноста на државата.
„Со министерот разговаравме за можностите за меѓуресорска поддршка, особено во делот на спортската инфраструктура, односно спортските терени, полигонот, игралиштата и базенот. Особено загрижува состојбата со базенот, кој иако бил реновиран претходно, воопшто не е ставен во функција и оставен е да пропаѓа. Заеднички констатиравме дека со релативно мали инвестиции, овој сериозен капацитет може повторно да се стави во функција и да стане дел од системската подготовка на полициските кадри.“, потенцираше министерот Тошковски при посетата.
Министерот Тошковски нагласи дека целта е изградба на модерен, целосно опремен и функционален центар за обука, кој во иднина ќе има и регионално значење и дека преку соработка помеѓу институциите, со јасна визија и одлучност, можеме да изградат услови што ќе одговорат на современите потреби.
Македонија
Демократски сојуз: Одговорност за трагедијата во Кочани, но без политички манифестации

Централниот совет на Демократски сојуз расправаше за актуелните политички состојби во Македонија, посебно од аспект на, како што велат, злоупотребата на страшната трагедија за политички манипулации и обидите за блокада на институциите да не можат да ги извршуваат своите функции сврзани со борбата против тешките облици на криминал и висока корупција.
Демократскиот сојуз ги повикува сите институции, посебно МВР и Јавното обвинителство да иницираат одговорност за сите за кои има елементи за одговорност. Не смее да се дозволи влијание на партиите или селективност во постапувањето.
„Обидите за злоупотреба и политички профит од оваа трагедија ќе ги препознаваат и осудат граѓаните. Протестите се демократско право и начин на изразување на незадоволство и поттик на власта да спроведе системски и коренити реформи и да се зајакне одговорноста на секој носител на функција, но неопходна е и поширока граѓанска одговорност за да се спречат трагедии од ваков вид“, велат од партијата.
Демократскиот сојуз ги повикува членовите и симпатизерите на ДС, како и сите граѓани, да помогнат на семејствата на настраданите во Кочани.
Сега од кога било ни се потребни сплотеност и единство, порачаа.