Македонија
Отворена нова градинка во Шуто Оризари

Во Шуто Оризари е отворена новата градинка „8 Април“ со капацитет за 150 деца. Премиерот Зоран Заев рече дека објектот е изграден со примена на најсовремени енергоефикасни решенија.
„Со гордост можам да најавам дека од денеска децата од оваа општина со 22.000 жители, претежно од ранливи категории, ќе имаат можност да престојуваат во модерна градинка конципирана според највисоките стандарди за предучилишна установа. По завршувањето на втората фаза од реконструкцијата на градинката ‘8 Април’, го зголемуваме капацитетот на згрижени деца од оваа општина, кој сега изнесува вкупно 236 деца и дополнителни 70 во делот јасли. Објектот е изграден со примена на најсовремени енергоефикасни решенија и со вграден зелен покрив кој нуди дополнителни можности за активности на отворено. Освен високите стандарди за енергетска ефикасност, градинката ‘8 Април’ ги вклучува и стандардите за пристапност и инклузивна опрема за игралишта обезбедувајќи им и на децата со попреченост да уживаат еднакви можности со своите врсници“, рече Заев.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, информира дека градинката има капацитет да згрижи 150 деца, а заедно со новиот дел што се доизгради, ќе бидат опфатени 236 деца на возраст од 2 до 6 години, организирани во 6 занимални и 70 деца во јасли или вкупно 306 деца.
Градоначалникот Курто Дудуш рече дека приоритет и во иднина ќе биде изградба на што повеќе воспитни установи и паркови, раззеленување на општината и создавање услови за здрав раст и развој на децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.