Македонија
Отворени Деновите на медиумска писменост

Под мотото „Застани, размисли, провери!“ почнувајќи од денеска па сè до 15 ноември, во организација на Мрежата за медиумска писменост се одржуваат Денови на медиумска писменост. На овој начин, земјава се вклучува во одбележување на осмата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.
Во текот на четири седмици граѓаните ќе имаат можност да се вклучат во триесетина работилници, дебати, отворени денови и други настани фокусирани на различни аспекти од медиумската писменост. Целта на Деновите на медиумската писменост, меѓу другото е да ja подигне јавната свест за важноста на медиумската писменост, со неа да се запознаат различни категории граѓани од сите возрасни групи (деца, млади, возрасни и пензионери), да се стекнат со вештини за медиумска писменост, да се обезбеди платформа за соработка, размена на искуства и развој на одржливи проекти за медиумската писменост.
Како што информираше директорот Зоран Трајчевски на денешната прес-конференција, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Деновите на медиумска писменост, учествува со неколку настани. Отворени денови за посета на Агенцијата се 31 октомври и 1 ноември, кога сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност одблизу да се запознаат со нејзините надлежности, но и да научат нешто повеќе за медиумската писменост.
На Конференцијата на 14 и 15 ноември ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето на нивото на медиумска писменост кај возрасните и кај бруцошите, реализирано со поддршка на ОБСЕ, ќе се одржи дебата на тема онлајн потрошувачка и работилница за медиумска писменост со подмладоци на политички партии. Меѓу планираните настани е и Саем на кој ќе биде претставена работата на членките на Мрежата.
На прес-конференцијата се обратија и претставниците на Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Конеду глобал, Советот за етика во медиумите на Македонија, Евротинк, Фондацијата Метаморфозис, Институтот Охрид, Младинскиот образовен форум, ВЕЗ – Вредност за европско знаење, Лице в лице, Македонска радио-телевизија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и женската граѓанска иницијатива „Антико“, кои се активно вклучени во реализацијата на Деновите на медиумска писменост.
За потребите на Деновите на медиумска писменост, со поддршка на Јавниот сервис, адаптиран е аудио и видеоспот на македонски и албански јазик, кој во оригинална форма е изработен од Мрежата за медиумска писменост на Ирска и нивното регулаторно тело БАИ. Спотовите веќе се емитуваат на медиумите со цел граѓаните да се информираат за настаните за медиумска писменост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.