Македонија
Оштетените штедачи: Нашите пари се во нечии џабови познати на раководните лица на Еуростандард банка
Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка обвинуваат дека надлежните во банката дозволиле со години да бидат доделувани кредити, без притоа да има навремена исплата на ратите за нив. Тие велат дека на крајот оштетени се токму тие – физички и правни лица депоненти на банката, чии средства, како што нагласуваат, им се украдени.
Единствено што остана по затворањето на банката се украдените пари на депонентите сместени во нечии џебови добро познати на раководните лица од банката, кои го оркестрирале овој голем криминал, и оправдувањата од Народната банка дека тие направиле сè што можеле, а сепак се случувал грабеж во континуитет повеќе години. И едните и другите се учесници во криминалот. Првите краделе, а вторите ги гледале како крадат и не направиле ништо конкретно за да ги спречат. На крајот, оштетени сме ние, физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка чии лични средства ни се украдени.
Состојбата на Еуростандард банка на денот на нејзиното затворање, 12 август оваа година, говори дека во банката има 149 фирми со ненаплатливи и тешко наплатливи кредити во вкупен износ од речиси 55 милиони евра. Ниту една од овие фирми немала платено ниту една рата, а доцнеле со плаќање од неколку стотини до над 1.300 дена. Земени се кредити од стотици илјади до милионски суми во евра. Тоа што е најстрашно е обезбедувањето кај овие фирми. Имено, повеќето од нив имаат обезбедување во станбен и деловен простор, опрема, моторни возила, залог на трговска стока или земјоделско земјиште, чии проценети вредности најчесто се движат од 5 до 50 отсто од износот на кредитот. Според извештајот од стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски, во такви фирми со поголеми разлики меѓу износот на кредитите и делумното обезбедување се вбројуваат: „Екопластик рисајклинг“ ДОО од Скопје (доцни со исплата 803 дена), „Југотрејдинг ДН“ ДООЕЛ од Струмица (доцни со исплата 363 дена), „Багкоп“ (доцни со исплата 438 дена), „Повардарие шпедиција“ ДОО од Неготино (доцни со исплата 864 дена), „Ено-мак“ ДООЕЛ од Скопје (доцни со исплата 742 дена), „Агромел БВ“ ДООЕЛ од Струмица (доцни со исплата 985 дена), „Електроспој“ ДООЕЛ од Скопје (доцни со исплата 923 дена) и други.
Воедно, има и 60-ина фирми чии земени кредити се покриени единствено со меници како обезбедување, а има и кредити што немаат никакво обезбедување. Според извештајот на стечајниот управник, такви фирми се: „Атв Зеус“ (доцни со исплата 409 дена), „Тете-ем“ ДООЕЛ (доцни со исплата 438 дена), „Пинк флај“ ДООЕЛ од Струмица (доцни со исплата 438 дена), „Јанев трејд“ ДООЕЛ од Струмица (доцни со исплата 438 дена), „Зои пер компани“ ДООЕЛ од Скопје (доцни со исплата 347 дена), „Фероспектар“ (доцни со исплата 279 дена), „Бартон“ ДООЕЛ од Кавадарци (доцни со исплата 742 дена), „Фероцем плус“ ДООЕЛ од Струмица (доцни со исплата 348 дена), „ТП конта план ХТЦ“ од Струмица (доцни со исплата 742 дена), „Балкан метал“ ДООЕЛ од Скопје (доцни со исплата 530 дена), „ТРД ТВ-канал Вис“ од Струмица (доцни со исплата 620 дена) и други.
Вообичаено, банките бараат вредноста на обезбедувањето да биде повисока од износот на кредитот. Во нашата пракса најчесто покриеноста на кредитот со обезбедувањето е најмалку 120 % па нагоре во зависност од видот на обезбедувањето. Тоа значи приложено обезбедување во износ од 120 илјади евра во парични средства може да покрие кредит најмногу во износ до 100 илјади евра.
Праксата со обезбедувањата за издадените кредити од Еуростандард банка била обратна. Не само што се делеле кредити во стотици илјади или милионски суми во евра, кои никогаш не биле исплаќани, туку и обезбедувањето на тие кредити е далеку под износите и спротивно на интерните политики на банката, како и на воспоставената и регуларна пракса на банките во земјата. Па, така, сега кога Еуростандард банка е затворена, впаричувањето на обезбедувањата на така доделените кредити неможе ни од далеку да ја надомести огромната загуба на депонентите кои ги загубија своите пари со пропаѓањето на банката.
Раководните лица од банката заедно со избраните фирми, како и избран круг проценители, адвокати и други вмешани страни, го почнале, развиле и сработиле криминалот што траел со години. На сето ова Народната банка увидела и знаела, но слепо гледала и дозволила да се случува грабежот на нашите пари од депозитите на физички и правни лица. Резултатот од таквото однесување е познат денес. Среде пандемија, голема здравствена и економска криза, криминалците од банката, помогнати од замижувањето и недејствувањето на Народната банка, за време на нејзините вршени контроли, почнувајќи од 2013 година па наваму, нè оставија без нашиот личен капитал, имот, сигурност, здравје, живот, сегашност и иднина.
Уште на самиот почеток, веднаш по затворањето на банката, Народната банка се обиде и до некадае успеа да ја релативизира штетата кон депонентите што ги изгубија својот личен капитал и имот во банката. Па, така, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска побрза да извести дека само 0,6 отсто од депонентите во банката нема да бидат обесштетени во целост. Свесно заборави да каже дека се работи за над 700 физички лица и семејства што загубија повеќе од 24 милиони евра лични пари доверени во банката за која самата гувернерка повеќепати јавно тврдеше дека е сигурна и безбедна како дел од банкарскиот систем во земјата и дека граѓаните не треба да се грижат за своите депозити. Воедно, гувернерката Бежоска заборави да каже и дека речиси 2.000 фирми ги изгубија своите депозити, останаа заробени во банката, а сите овие фирми се законски должни да работат единствено преку банкарскиот систем. Сè заедно, директно погодени повеќе од 2.700 семејства и уште најмалку 12.000 семејства на вработените во ограбените фирми.
Наша поучна лекција од овој криминал до сите други депоненти во банки е дека со вака поставен систем во земјата, само вие лично или Господ може да ве спаси од проневери и грабеж на вашите депозити. Доколку грабеж се случи или случува во следна банка, криминалците би си ги триеле рацете од направениот плен на вашите депозити, а Народната банка би се оправдувала дека направила сè што можела, но дека криминалците сепак биле појаки од нив.
Нашата борба за вистина и правда продолжува до конечната цел – одговорност за сторениот криминал на сите учесници во него и целосно враќање на нашите лични средства, на физичките и правните лица депоненти на затворената Еуростандард банка, се вели во соопштението на штедачите на Еуростандард банбка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

