Македонија
ОЈО ги повлече основните две-три обвиненија против Цветан Панделевски за случајот „Империја“

Обвинителството мината недела донесе одлука да се повлече од двете дела против Цветан Панделевски во случајот „Империја“. OJO со овој чин, како што е наведено во соопштението, од адвокатскиот тим на Панделeвски, ги потврди сите аргументи кои Панделевски ги објаснуваше пред јавноста и судот односно дека не постои никаква злоупотреба на службена должност, дека не постои дело перење пари, исто така дека не постојат оштетени акционери и дека воопшто нема направена штета на држава по ниту еден основ.
Од првиот момент на обвинението против него, како што е соопштено, Панделевски и неговата одбрана стоеја јавно зад овие аргументи и добро е што конечно истите ги прифати и ОЈО.
„Со ниту еден доказ обвинителката Лиле Стефанова во целиот период од 7 години од кога е започнат случајот не објасни и не кажа за кое дело беше гонет Цветан Панделевски. Наместо објаснување од страна на Стефанова за целиот изминат период се случуваа закани и уцени дека ќе ги прошири делата и кон неговото најблиско семејство. Семејството Панделевски беше под притисок од страна на структури на моќ, целосно неповрзани со правните аспекти на предметот Империја, но притисоци кои направија непоправлива штета на компаниите на Цветан Панделевски.
· Кривичната постапка пред седум години започна како шоу – настан и во годините кои следеа Цветан Панделевски и неговото семејство поминаа низ:
· Полициски структури кои со автомати вооружение правеа претрес во нивните домови
· Притворска казна изречена без ниту еден доказ за нејзина основа
· На медиуми беа прикажувани шеми со Оф-шор компании во кои наводно Панделевски бил дел
· Седум години закани континуирани кон семејството дека ќе му ги киднапираат внуците
· Континуирани штети врз работата на компаниите нивна блокада, доспевање на сите кредити, забрани за нови кредитирања на сите компании поврзани со членови на семејството.
И, денеска после сите притисоци и уцени, дури и ОЈО јавно потврди дека Цветин Панделевски не направил ниту штета на државата, ниту дека има оштетени, обвиненијата се повлекоа (две од три), исто така :
· Не е сопственик на никаква оф-шор фирма, ниту пак има каква било поврзаност со такви компании,
· Не се појави ниту утврди ниту еден единствен доказ дека се случило перење на пари од страна на Панделевски
· Не се појави ниту еден оштетен акционер од страна на Панделевски
· Целиот случај Империја се сведе на наводна измама на г-ѓа Кираца Трајковска.
ОЈО и Лиле Стефанова го продолжуваа процесот против Панделевски само за наводна измама на Кираца Трајковска. Прашањето е како г-ѓа Трајковска и самата обвинето лице за измама на акционери во друг правен субјект, од обвинета станува оштетена? И, тоа што е најиндикативно како после пет изминати години во кои заедно со други структури на моќ се правеше обид за изнуда кон семејството Панделевски од 1.700.000,00 милион евра.
Во продолжение на случајот Империја, Панделевски и одбраната ќе докажат дека беа во право како и за претходните обвиненија така и за преостанатото кај Кираца Трајковска и ќе се докаже дека беа правени обиди да се вмешаат национални институции во реализација на обид за изнуда кон семејството Панделевски.
На наредното и се надеваме последно рочиште на 12 јуни оваа година очекуваме да биде повлечено и последното неосновано обвинение против Цветaн Панделевски и целосно исполнување на правдата“, се истакнува во пишаниот допис од адвокатскиот тим на Панделевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.