Македонија
Пановски: За 58.000 дози намалена употребата на „сумамед“ и „панцеф“
Вкупно 58.000 дози помалку „сумамед“ и „панцеф“ биле издадени на рецепт во декември во споредба со ноември минатата година. Податоците на „Фејсбук“ ги објави микробиологот и професор Никола Пановски, кој изминативе неколку месеци постојано апелира да не се даваат антибиотици непотребно.
„Бројот на реализирани рецепти преку ФЗОМ на ‘азитромицин’ (‘сумамед’) е намален за 48.000, а на ‘цефиксим’ (‘панцеф’) за 10.000 во декември во однос на ноември 2020. Број на реализирани рецепти на ‘азитромицин’: септември – 18.618, препишани на 11.963 осигуреници, октомври – 42414 за 25.570 осигуреници, ноември – 70.115 рецепти за 41.055 осигуреници и декември – 22.575 рецепти за 14.656 осигуреници. Ништо страшно не се случи со практикување медицина базирана на докази, напротив, пациентите се заштитени од непотребно давање антибиотици, од двојни токсични дози ‘азитромицин’. Според пресметките на ФЗОМ, само за декември заштедени се околу 200.000 евра од ‘азитромицин’ и ‘цефиксим’. Најмалку уште толку останале во џебот на граѓаните, кои инаку би ги купиле овие лекови“, стои во објавата на микробиологот Пановски.
Бројот на реализирани рецепти преку ФЗОМ на азитромицин (СУМАМЕД) е намален за 48.000, а на цефиксим (ПАНЦЕФ) за 10.000…
Posted by Nikola Panovski on Friday, February 5, 2021
Тој е благодарен за поддршката во неговите напори да престане непотребната и прекумерна употреба на антибиотици, особено на тимот од Фондот за здравствено осигурување, а благодарен им е и на оние што не го поддржале и не помогнале оти докажал дека и без нив се можни промени.
„Благодарност до м-р Кристина Христова и нејзиниот тим од ФЗОМ, до сите колеги и пријатели за поддршката, до ’Фејсбук’, печатените и електронските медиуми. Задоволен сум зашто ова е доказ дека некои крупни работи може да се постигнат и без помош на МЗ, ЛКМ, МЛД, многубројни специјалистички здруженија, на кои им благодарам што, иако не помогнаа, не одмогнаа“, вели Пановски.
Пановски укажуваше дека на пациентите заболени од Ковид-19 им се даваат премногу лекови и укажа дека комбинацијата од „сумамед“ и „панцеф“ со „моксирал“, како што на некои пациенти им било препишано, не би можел да ја издржи ниту здрав атлет.
На почетокот на ноември тој алармира дека за само 17 дена биле издадени рекордни 60.000 рецепти за „панцеф“ и „сумамед“. Тоа е предиот во кој дневно имаше приближно по 1.000 новозаболени, а во аптеките се издаваа дневно по 3.520 пакувања од овие два антибиотика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

