Македонија
Панчо од ДНК е надвор од животна опасност, шести ден е на интензивна нега во „Систина“, велат од болницата

Фронтменот на бендот ДНК, Владимир Блажев-Панчо, повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е во стабилна состојба и во моментот не е во животна опасност, соопшти стручниот лекарски конзилиум во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде што се лекува.
„Пациентот Владимир Блажев-Панчо од приемот до денес се наоѓа во единицата за интензивно лекување. На овој оддел се применува највисоко ниво на медицинска грижа. По спроведување на интензивното лекување, она што можеме да кажеме е дека пациентот е стабилен и дека во моментот е надвор од животозагрозувачка состојба. Неговото лекување продолжува во единицата за интензивна нега, во третманот е вклучен мултидисциплинарен тим лекари со цел да овозможат најдобра медицинска грижа“, велат од „Аџибадем Систина“ и нагласуваат дека информацијата за здравстената состојба на Панчо е дадена од страна на лекарскиот тим, кој е одговорен за неговиот третман и е единствена официјална информација потврдена од болницата.
„Во ваква исклучително сензитивна состојба во која се наоѓа државата, да не дозволуваме простор за шпекулации и непроверени информации“, велат од болницата по разните вести за состојбата на Панчо, кои главно се шират на социјалните мрежи.
Покрај Панчо, во „Систина“ се лекуваат уште тројца повредени во пожарот, кои се сместени во болнички стационар.
Во овие шест дена во „Систина“ биле примени 28 повредни, некои биле прегледани во амбулантите на ургентниот центар, а некои веднаш биле хоспитализирани. Во болницата се регистрирани 20 амбулантски прегледи и осуммина хоспитализирани. Четворица пациенти, по болничкиот третман, биле пуштени на домашно лекување.
„Ниеден пациент што беше хоспитализиран кај нас не е препратен во друга здравствена институција. Повредените лица што се третираат во ’Аџибадем Систина’ ја добиваат најдобрата грижа на ниво на светските болници, тоа го утврди и екипата на странски експерти, кои дојдоа да ја посетат болницата. Имавме можност за размена на искуства со специјалисти по интензивно лекување и специјалисти по пластична хирургија од Израел и Чешка, кои ја посетија нашата болница. Тие се согласуваат дека нашите пациенти се лекуваат според сите светски протоколи и добиваат третман еднаков како што би го добиле и во нивните болници. Во нашата болница имавме пациенти со разни повреди, како набиеници, скршеници, изгореници од различен степен и пациенти со респираторни проблеми како резултат на вдишениот чад од пожарот“, велат од „Аџибадем Систина“.
Во болницата бил формиран кризен штаб веднаш по добивањето на информација за трагичниот пожар, кој е во постојана координација со Министерството за внатрешни работи и со Министерството за здравство. За повредените е формиран специјален лекарски конзилиум, составен од лекари од разни специјалности, со 20 интензивни места за третман на најкритичните пациенти.
Покрај прифаќањето на повредените, од „Аџибадем Систина“ велат дека со три медицински возила со анестезиолог и анестезиолошки техничар во секое се вклучувале во транспорт на повредените. Извршиле вкупно 18 медицински транспорти, од кои: 4 меѓународни до болниците во Солун, 2 медицински за преземање пациенти од друга здравствена институција до нивната и 12 медицински до аеродромот „Петровец“.
Од „Аџибадем Систина“ велат дека болницата останува отворена за бесплатен третман на сите пациенти повредени во пожарот, кои имаат потреба од болничка нега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.