Македонија
Парични казни за жители на Скопје, Свети Николе и Кавадарци кои не се самоизолирале

Парични казни за непочитување на здравствените прописи за време на епидемија ќе добијат еден жител на Скопје, три лица од Свети Николе и четири од Кавадарци. Сите се обвинети дека не се самоизолирале откако се вратиле од ризични земји или се сретнале со луѓе кои се вратиле од таму.
Обвинетиот скопјанец, на возраст од 33 години, на 12 март се вратил во земјава по престој во Франција како високоризична земја за ширење на коронавирусот и потпишал изјава дека ќе се самоизолира во период од 14 дена. Сепак, на 21 март, при извршена проверка од страна на овластени полициски службеници, не бил затекнат во неговиот дом.
Основното јавно обвинителство Скопје на Судот му предложи на обвинетиот да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби со висина на дневна глоба од 20 евра во денарска противвредност.
Основното јавно обвинителство – Свети Николе до надлежниот основен суд поднесе предлог за издавање казнен налог против пет лица.
Тројца од обвинетите пристигнале во земјава од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и согласно мерките биле должни во период од 14 дена да не го напуштаат престојувалиштето што го пријавиле како место каде ќе ја спроведат задолжителната самоизолација. Иако на граничните премини на кои оствариле влез во земјава потпишале изјави за самоизолација, ги напуштиле наведените адреси и оствариле контакт со други лица.
Две лица од Свети Николе, пак, на возраст од 19 и 21 година биле приведени ноќеска во 2:20 часот затоа што прекршиле полицискиот час. Тие во автомобил „сузики сфивт“ без регистерски таблички биле пресретнати од страна на полициски службеници.
Со своите дејствија сите обвинети го сториле кривичното дело што им се става на товар за што обвинителството побара судот да им изрече парична казна во висина од 98 дневни глоби, и тоа за еден од обвинетите во висина на една дневна глоба од 10 евра или вкупна вредност од 60.270,00 денари, а за останатите во висина од 20 евра за една дневна глоба или во вкупна вредност од по 120.540 денари.
Што се однесува до случаите во Кавадарци, еден од обвинетите пристигнал во земјава на 17 март од Република Србија патувајќи од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот. При вршење на контрола од страна на полициските службеници, на 18 март, не бил затекнат дома.
Двајца од обвинетите пристигнале од Република Грција на 18 март, но и покрај обврската за самоизолација не биле затекнати во нивните домови на 19 март, кога надлежните служби извршиле контрола.
Четвртиот обвинет на 19 март на граничниот премин „Деве Баир“ пречекал лице кое се враќало од престој во Соединетите Американски Држави. Согласно Одлуката на домашните органи, обвинетиот потпишал изјава за самоизолација поради тоа што бил во контакт со лице кое дошло од земја со висок ризик од зараза. Но при извршена контрола не бил затекнат во домот каде требало да ја извршува должноста за самоизолација.
Обвинителството за четворицата побара изрекување парична казна во висина од по 2.000 евра во денарска противвредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.