Македонија
Патниците од регионот не треба да приложуваат негативни тестови ако само транзитираат низ земјава

Главниот координативен кризен штаб ги објави насоките и пропозициите врз основа на кои државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и на Босна и Херцеговина може да влегуваат и да транзитираат низ земјава.
Државјаните на овие земји, кои имаат двојно државјанство, доколку имаат живеалиште во државава, при влез не е потребно да приложуваат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР-тест. Оваа одредба не важи за лицата што немаат живеалиште во Македонија и при влез тие ќе мора да покажат негативен резултат од ПЦР-тест направен 72 часа пред влезот.
Носители на македонски патни исправи, кои имаат адреса на живеење во Србија, Косово, Црна Гора и во Босна и Херцеговина, при влез во државава исто така задолжително треба да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР-тест.
Оние што во Македонија доаѓаат преку аеродромите во Скопје и Охрид нема да треба да приложат негативен тест на Ковид-19 доколку потпишат изјава дека во рок од три часа ќе ја напуштат територијата на државата.
Исто така, доколку патниците од овие држави влезат во земјата преку копнен граничен премин, а имаат намера да заминат со авион, потребно е задолжително да прикажат авионски билет (електронски билет) и да потпишат изјава за транзит, односно во рок од три часа да ја напуштат државата.
За професионалните возачи, не е потребно приложување потврда за тест, со обврска за задолжително почитување на протоколот за вршење меѓународен превоз.
Потврда од направен тест не е потребна ниту во случај на организиран автобуски превоз, а во овој случај територијата на Северна Македонја мора да се напушти во рок од пет часа, со потпишување изјава за транзит. Исто така, одредбата за приложување потврда за направен ПЦР-тест ги исклучува дипломатите од Србија, Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина, акредитирани во земјата, и членовите на нивните семјства.
Задолжителна обврска за приложување негативет тест направен најмногу три дена пред влезот има за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои имаат регулиран привремен или постојан престој во земјата, како и за државјаните од овие земји што имаат претходно закажани здравствени прегледи и лекување во македонски болници.
Министерството за внатрешни работи, по прибавување на пополнетите изјави од државјаните на овие четири земји, заедно со медицинските потврди од ПЦР-тестовите, ќе ги доставува на проверка и потврдување до Министерството за здравство, а Министерството за здравство ќе ги доставува до регионалните центри за јавно здравје во согласност со адресите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.