Македонија
Пациентите кои се префрлени во странство се во стабилна состојба и под континуирана медицинска нега

Министерството за здравство информира дека од раните утрински часови во Клиничкиот центар функционира кризниот штаб, во тесна координација со Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи. Тимовите на здравствените установи се целосно ангажирани за обезбедување соодветна медицинска нега, а состојбата на сите пациенти се следи внимателно, при што се спроведуваат конзилијарни одлуки за натамошните медицински постапки, информираат од министерството.
Според соопштението, во текот на денешниот ден се згрижени над 140 пациенти, распределени во здравствените установи низ земјата:
• Клинички центар – 20 пациенти
• ГОБ „8 Септември“ – 20 пациенти
• Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 21 пациент
• Клиничка болница Штип – 20 пациенти
• Општа болница Кочани – 7 пациенти
• Клиника за токсикологија – 2 пациенти
„Покрај медицинската грижа во земјата, дел од пациентите се префрлени во здравствени установи во странство, како резултат на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји:
• Република Турција: 3 пациенти пристигнаа во Истанбул, а дополнителни 6 пациенти се очекува да пристигнат во Анкара до полноќ.
• Република Бугарија: 14 пациенти се хоспитализирани.
• Република Грција: 4 пациенти се згрижени.
• Република Србија: 5 пациенти се веќе хоспитализирани, а дополнителни 12 пациенти со воен авион се на пат кон Белград.
• Република Хрватска и Романија: Се очекува во тек на утрешниот ден да бидат испратени по 4 пациенти во секоја од овие земји.
• Република Словенија, Унгарија и Австрија: Во текот на утрешниот ден се очекува овие земји да испратат медицински авиони за транспорт на пациенти.
Сите пациенти кои се префрлени во странство се во стабилна состојба и под континуирана медицинска нега.
Како дополнителна поддршка во справувањето со кризата, во земјата пристигна медицински тим од ВМА Белград, а се очекуваат и медицински тимови од Чешка, Израел и Белгија, кои ќе се приклучат на напорите за обезбедување соодветна здравствена грижа.
За сите информации поврзани со состојбата на пациентите кои се наоѓаат во странство, како контакт лице е именуван проф. Д-р Игор Николов, кој е достапен на телефонскиот број: +389 72 270 648.
Министерството за здравство останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и меѓународни партнери за натамошна координација и поддршка“, велат од ресорното министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.