Македонија
Пендаровски: Ако ги делиме граѓаните поради етничката припадност, државата ќе се враќа назад и ќе нема просперитет за никого
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/04/pendarovski-saraj-1.jpeg)
Последната седмица од изборната кампања за првиот круг на претседателските избори, кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска ја започна со средби со жителите на скопските општини Сарај и Чаир.
Посочувајќи дека пред пет години ветил дека ќе биде претседател на сите без разлика на верска или национална припадност, Пендаровски рече дека сите граѓани ги чувствува како свои. Истакна дека кај него биле отворени вратите без разлика дали дошле Македонци, Албанци, Турци или граѓани од друга етничка националност или пак некој што не гласал за него. Во оваа насока Пендаровски посочи и дека во секоја прилика бил со својот народ, помагал секому и секаде и додаде дека ако во државата ги делиме граѓаните поради етничката припадност и за сметка на тоа едните имаат поголеми привилегии од другите, државата не само што ќе стагнира, туку и ќе се враќа назад и ќе нема просперитет за никого.
„Ако државата не оди напред, овие млади луѓе овде што ги гледате, што останале, нема да ги гледате. Ќе заминат кај што има подобра работа, да создадат семејство и да бидат посреќни. Никој нема да нè чека 20-30-40 години да ја подобриме“, рече Пендаровски.
Со граѓаните на Сарај и на Чаир, Пендаровски ги сподели и досегашните достигнувања на државата на меѓународен план, пред, сè, влезот во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија. Вториот процес, како што рече тој, ќе се одвиваше со уште побрзо темпо, ако не се соочевме со внатрешна блокада од опозиција. Барајќи ја поддршката од граѓаните, Пендаровски истакна дека откако ќе бидеме дел од Европа ќе пораснат платите и пензиите, а со тоа и животниот стандард.
Правејќи паралела меѓу сегашната владејачка гарнитура и опозицијата, претседателскиот кандидат Пендаровски рече дека во нивно време немаше демократија, односно затвораа луѓе во затвор и за најмала навреда. Тоа како што потенцираше Пендаровски, сега не е случај. Сега секој човек е слободен да каже било што и што е уште поважно, нема меѓуетнички тензии.
„Затоа имаме задача на 24 април и на 8 мај да ја избереме вистинската опција, бидејќи знам дека на сите ни е преку глава од делби. Ни треба соживот“, заклучи Пендаровски.
Денеска, Пендаровски ќе поразговара и со граѓаните на општина Ѓорче Петров, а на централен митинг ќе се обрати во Гази Баба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.