Македонија
Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваните амбасадори на Куба и Египет
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Куба и на Арапската Република Египет.
На церемонијата на предавање на акредитиви од страна на Каридад Јамира Кието Милиан, новоименувана амбасадорка на Република Куба во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, претседателот Пендаровски истакна дека постои заемен интерес и значителен потенцијал за уште посеопфатна соработка, како и за содржински квалитетно развивање и натамошно унапредување на меѓусебните односи во интерес и за доброто на двата пријателски народи.
Амбасадорката Милиан ја изрази целосната посветеност и подготвеност на Куба за натамошно зајакнување на политичкиот дијалог со Северна Македонија, за развој на билатералните односи на различни полиња и за поттикнување на економските и трговските врски меѓу двете држави.
Истакнувајќи дека Северна Македонија и Египет ги поврзува долга традиција на пријателство и заемно уважување, претседателот Пендаровски на предавањето на акредитиви од страна на Калид Ибрахим Емара, новоименуван амбасадор на Арапската Република Египет во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, нагласи дека постои интерес за унапредување и за фокусирање на развојот на односите во сферата на економијата, трговската размена, како и културата, образованието, науката и технологијата.
Амбасадорот Емара рече дека двете земји и двата народи имаат долгогодишна традиција на пријателство која се темели на споделените искуства и вредности подвлекувајќи дека во наредниот период, негова мисија ќе биде продлабочување на одличната соработка во многу области од заемен интерес и истражување нови области на меѓусебна соработка кои ќе бидат во корист на двата народи.
Претседателот Пендаровски на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

