Македонија
Пендаровски: Да ни е вечна македонската република

Претседателот Стево Пендаровски упати видео – честитка до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија.
– Пред точно 32 години, ги паметиме зборовите на првиот претседател Киро Глигоров: „да ви ја честитам на сите слободна, суверена и самостојна Македонија”. Низ годините бележевме и успеси и неуспеси, некои од нив се случија токму на денот на независноста. Успесите не радуваа, но, за жал, примерите на злоупотреби и системски потфрлања ја рушеа довербата во институциите и ја обезвреднува самата држава. А цената ја плаќаат оние кои најмалку придонеле за таквите состојби ‒ учениците во образованието, болните во здравството, сиромашните и младите. Сè почесто солидарноста и емпатијата започнаа да им отстапуваат место на себичноста и апатијата, а, тоа е амбиент во кој луѓето не сакаат да живеат. Почитувани сограѓани, Знам дека ова не се вообичаени празнични пораки, но, се неопходни, затоа што, граѓаните на 8 септември 1991-та гласаа за уредена и просперитетна Македонија која сеуште ја немаме. Денес нам ни е потребен нов колективен напор, но, притоа, карактерот на тој потфат треба да биде соодветен со времето во кое живееме, вели Пендаровски.
Тој додава дека од граѓаните денес не се бара илинденскиот или партизанскиот хероизам наспроти тиранијата.
-Од нас денес се бара да имаме фунционални институции, законите да важат подеднакво за сите, и општествени реформи од кои благодет ќе видат граѓаните, а, не само оние кои се привилегирани. Смислата на постоењето на републиката е да го оствариме заедно она што не можеме да го постигнеме засебно ‒ слобода, правда, економска благосостојба и соживот. Како што секој успех на македонската држава до сега е плод на заеднички напори, така и речиси секој системски неуспех е последица на отстапувањето од тој принцип. Крајно време е да потврдиме дека сме способни и во практика, а не само со зборови да се справиме со сериозните проблеми со кои се соочуваме во долгиот тунел на транзицијата која никако да ја завршиме. Државата има многу умни и доблесни луѓе со образ, луѓе домаќини кои можат да го обноват духот на македонската република врз основа на темелните уставни и општоцивилизациски вредности. Само така ќе го зачуваме зрното надеж дека по повеќе од 3 децении конечно ќе имаме европска и демократска Македонија во која младите ќе сакаат да живеат и просперираат. Убеден сум дека имаме и сили и волја за такво нешто! Нека ни е честит Денот на независноста! Да ни е вечна македонската република, наведе претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожарот кај Милетино се гасне и од воздух – гори борова шума

Центарот за управување со кризи (ЦУК), известува дека полета еден авион на ДЗС, а втор авион се подготвува, за дејствување на реактивираниот пожар на тешко пристапни места кај селото Милетино во Општина Брвеница, каде што пожарот зафати борова шума.
Инаку, Регионалниот ЦУК Тетово информира дека врз пожарот на терен, од разденување, утрово интервенираат 15 лица вработени во ЈП „Македонски Шуми“ подружница „Лешница“, три пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово со едно специјализирано 4Х4 противпожарно возило – џип и со една цистерна за дотур на вода, а и два полициски службеника.
Македонија
Георгиевски: Над 50 милиони евра поддршка преку ИПАРД и „Млад земјоделец“

Младите земјоделци во фокусот, над 50 милиони евра поддршка преку ИПАРД и „Млад земјоделец“, изјави на прес-конференција, Гоце Георгиевски од Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
Тој рече дека младите земјоделци се во фокусот на развојните мерки, програми и политики на СДСМ.
„На располагање се над 50 милиони евра од ИПАРД програмата како и мерката „Млади земјоделец“. Огромна можност, огромен потенцијал за развој, огромна шанса за успех. Во тек е нов повик за млади земјоделци за поддршка од 10.000 евра по корисник, од Националната програма за рурален развој. За прв пат од оваа година, авансна исплата во износ од 40% за младите кои ќе добијат грант за мерката “Млад земјоделец” и тоа веднаш по потпишувањето на договорот. Во тек е и програмата ИПАРД 3 која нуди дури до 70% кофинасирање во инвестиции“, рече Георгиевски.
Ги повика сите млади земјоделци да аплицираат и да ги искористат средствата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра СДСМ: Да видиме на избори дали е толку очајна ситуацијата како што тврдите

Ако е толку очајна ситуацијата како што СДС вели, нека закаже избори, па тогаш ќе видат колку поразени ќе бидат, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако СДСМ констатира дека во опозициската партија се случува распад поради суети.
„СДС наместо да пишува соопштенија полни со лаги и манипулации, нека си ги решат прво проблемите во својот двор.
И ако е толку очајна ситуацијата како што СДС вели преку своите гласила, тогаш нека се осмели да закаже избори, па тогаш ќе видат колку поразени ќе бидат.
Вознемиреноста на СДС секој ден се воочува и е се поочигледна.
Јасно може да се воочи дека СДС е највознемирена поради две работи, првата е пропаста на стратегијата и кампањата дека Груевски ја води ВМРО-ДПМНЕ, a втората е дека пропаѓа оската ДУИ-СДС и делови од опозицијата за уставни измени“, се вели во соопштението.