Македонија
Пендаровски до студентите на првиот академски час: „Пред вас се најубавите години од животот“

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на првиот академски час за бруцошите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
На студентите им порача дека пред нив се најубавите години од животот.
„Ќе учите, но и ќе се дружите меѓу себе. Секој од нас и ден-денес ги памети најтешките предмети, најдобрите професори, но и сите згоди и незгоди од студентските години“, истакна Пендаровски.
Пендаровски во обраќањето посочи дека Универзитетот „Кирил и Методиј“ како најстар и широко реномиран академски центар во нашата земја со децении продуцира кадри, кои со своето знаење и вештини се конкурентни на пазарот на трудот и кај нас и во странство.
„Од Правниот факултет на УКИМ, на кој и самиот имав среќа да го оформам моето високо образование, излегуваат идните правници, адвокати, судии, политолози, новинари и политичари, кои имале и имаат своја улога во процесот на трансформација на Република Северна Македонија во модерна, демократска и просперитетна држава“, рече Пендаровски.
За жал, како што истакна претседателот, годинава пандемијата на Ковид-19,, која од темел го измени нашето секојдневие, диктира и промени во образовниот процес. Затоа, и денешната свеченост беше видоизменета во согласност со здравствените протоколи и прописи.
„Ја нема вообичаената атмосфера во студентскиот кампус, меѓутоа животот мора да продолжи и сите ние мораме да се адаптираме. Користете го секој момент да стекнете нови знаења и вештини, да добиете информации и искуство. Споделувајте и комуницирајте, кога тоа не може да го правите со физичко присуство, користете ги новите технологии“, додаде претседателот.
Го заврши обраќањето со желби за добро здравје, среќа и успех, а на бруцошите им посака студии исполнети со интересни содржини и стекнување нови знаења и вештини, кои од нив ќе направат подобри луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.