Македонија
(Видео) Пендаровски: Имаме култура на неказнивост на високи функционери, не треба да бараме вина само во судството
Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на третиот Национален форум на граѓански организации, во организација на Цивика мобилитас, програма на Швајцарската амбасада за поддршка на граѓанското општество, спроведувана од НИРАС (Данска) и МЦМС.
Истакнувајќи дека е почестен што е меѓу долгогодишни граѓански активисти кои се водени од визијата за слободно, праведно и инклузивно општество втемелено врз демократски развој, еднаквост, владеењето на правото и соживот, претседателот Пендаровски во своето воведно обраќање се осврна на три теми, односно деполаризација, отворено општество и младите.
Во таа насока, претседателот Пендаровски посочи дека веќе подолго време македонското општество е високо поларизирано, по речиси секоја основа – меѓуетничка, внатреетничка, политичка, идеолошка и економска.
„Сè почесто се фокусираме на она што нè раздвојува, а притоа како да го занемаруваме она што нè поврзува и што нè држи заедно. Политичката дебата се сведе на деградирање на политичкиот противник. Дури и при вработувањето сè почесто слушаме дека предност се дава на партиска или етничка припадност на кандидатите, наместо на нивниот карактер, образование и вештини. Ова дополнително го забрзува одливот на млади, висококвалификувани луѓе“, подвлече претседателот Пендаровски.
Ако сакаме да го деполаризираме македонското општество, додаде претседателот Пендаровски, треба да се фокусираме на неколку клучни прашања, односно владеење на правото, поголема политичка одговорност и деполитизација на општеството и деетнизација на политиката.
Осврнувајќи се на темата за отворено општество, претседателот Пендаровски истакна дека општество во коешто се толерира омраза кон која било заедница, кон кој било поединец, го губи моралниот кредибилитет.
„Не може да се гради отворено, слободно и праведно општество врз нетрпеливост или омраза кон различните. Тоа не смее да се сведе само на празна и политички коректна реторика, туку општество во кое луѓето искрено ќе се почитуваат“, рече претседателот Пендаровски и додаде дека деполаризацијата и создавањето на слободно општество се неопходни ако сакаме да ги задржиме младите.
„Институциите на државата мора да најдат начин не само внимателно да ги слушаат младите, туку и да ги вклучат младите во креирањето на политиките и носењето на одлуките. Тоа треба да се прави низ отворен дијалог за тоа какво општество сакаме да изградиме не за нас, туку за нашите внуци“, заклучи претседателот Пендаровски.
Во фокусот на прашањата на граѓанските организации беа темите за неказнивост на високата корупција, ветингот на судиите и прочистувањето на судството за што претседателот Пендаровски рече дека е неопходно секоја институција да работи транспарентно. Говорејќи на оваа тема, како што кажа тој, нашата држава има солидна законската легислатива, но дека е селективна имплементацијата на законите.
„Ние и натаму имаме култура на неказнивост на високи функционери и за тоа не треба да бараме вина само во судството или во судиите. Не треба да го тргаме фокусот и од нас, политичарите“, посочи претседателот Пендаровски.
Меѓу прашањата на граѓанските организации, имаше и за големата бројност на јавната администрација, којашто претставува товар за државниот буџет. Во овој контекст претседателот Пендаровски рече дека е скептичен дека ќе се намалува бројот од околу 140 илјади вработени во администрацијата.
Во однос на долгоочекуваниот старт на преговорите со Европската Унија, граѓанските организации побараа одговор од претседателот Пендаровски во однос на составот на тимовите и политичкиот консензус по ова прашање.
„Мора да направиме заеднички тимови на преговори и со невладиниот сектор. Нам ќе ни требаат над стотина подгрупи за преговори и ако сакаме да фатиме приклучок во преговорите, ќе мора да го собереме сиот ум во земјава. Граѓанските организации долго време беа третирани како непријател на државата, не сфаќајќи дека нивното искуство и знаење може на сите да ни биде од корист во процесот на преговори со ЕУ“, потенцираше претседателот Пендаровски.
Говорејќи за состојбата на Ромите, на лицата со попреченост, за родовите прашања, претседателот Пендаровски посочи дека секој поединец, секоја институција може да придонесе со свој пример.
Адресирајќи го проблемот на регулација на интернет-порталите, организациите коишто работат во полето на медиумите и медиумските слободи го прашаа претседателот Пендаровски за можните модалитети за саморегулација на медиумите.
„Не чекајте. Ако не се саморегуларите, некој друг ќе ве регулира и ќе немата право на слободно изразување. Не дозволувајте државата да ве регулира“, им порача претседателот Пендаровски.
Во однос на важноста на граѓанските организации и нивната улога во општеството, претседателот Пендаровски рече дека би сакал да види поголем активизам од нивна страна. Бидејќи, како што додаде тој, „имам чуство дека во последните неколку години како да спласнува интензитетот на работата на невладиниот сектор. Очекувам повеќе и почесто да ја критикувате нашата работа“.
Инаку, на националниот форум секоја година граѓанските организации се среќаваат со претставници на државните институции и дискутираат за досегашните искуства и можности за соработка за прашања од заемен интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“: панелистите со заклучок дека е потребна координирана реакција од сите општествени чинители
Денес се одржа панел-дискусија „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“, во просториите на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, во организација на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. На панелот учествуваа Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Луна Стефаноска, член на ГК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, како и Ѓоко Велковски, заменик министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Панелистите се осврнаа на важноста за подигање на свеста на темава, одговорно информирање од страна медиумите, како и унапредување на системот за заштита. Сите панелисти се согласија дека темата мора да остане во фокусот за да се обезбеди поголема безбедност и поддршка за жените и девојките.
Митева се осврна на делот за улогата на медиумите, кои според неа, имаат огромно влијание. Како што вели таа, многу жени работат во медиумите, и ги пофали истите за внимателно изнесување на ваквите случаи, но сепак во вакво динамично време, каде секој еден е медиум, време полно со предизвици, невозможно е целосно да се спречат штетните вести. Затоа, според неа, од клучно значење е одговорно известување и свесност за последиците врз јавноста и самите жртви.
Велковски нагласи дека системот за заштита од насилство функционира и постојат шелтер центри, 24-часовни линии за пријава и брза реакција. Тој посочи дека иако постојните механизми работат, секогаш има простор за подобрување. Како што вели тој, Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади, активно размислуваат како системот да стане поефикасен и подобро организиран.
,,Навистина сериозно се разгледува и се размислува за целиот систем како да стане подобар. Истиот функционира, бидејќи постојат и шелтер центри постојат линии кои што се активни 24 часа, каде што може да се пријави токму ваков тип на насилство по однос на темата. Во рок од 12 часа се постапува, најдоцна во зависност од тоа каква е тежината на самиот пријавен проблем и достапноста. Така да системот моментално како што е поставен и законот како таков функционира. Дали треба да биде подобрен? Секако. секогаш треба да се стремиме и како министерство и како Влада, меѓутоа пред се како луѓе. Сето она кое што сме го наследиле и има недостатоци да ги коригираме истите за да направиме еден перфектен систем, никогаш можеби не постои меѓутоа да се стремиме кон перфекција“, истакна Велковски.
Стефаноска истакна дека и е драго што младите, или нејзини врсници, се заинтересирани за теми поврзани со насилството. Според неа, дигиталното насилство е многу реално, бидејќи младите голем дел од својот живот го споделуваат онлајн и овој вид насилство може сериозно да влијае на менталното здравје, но понекогаш и да ја загрози физичката безбедност.
Македонија
Магла на Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 50 метри има на планинските превои Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во јужните делови
Времето утре облачно, насекаде со врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во јужните делови (локално над 40 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 10, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во сабота ќе има локални врнежи од дожд, особено во јужните делови, кои попладне ќе престануваат. Од недела ќе настапи стабилизирање на времето со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.

