Македонија
Пендаровски: Нема потреба од воведување на поригорозни мерки

Не се разгледува воведување на 24 часа траење на полицискиот час односно ограничување на движењето, а пак, распуштеното собрание блокира пренамена на буџетот на државата, како и задолжување за кое мора да има измена или носење на закони. Претседателот Стево Пендаровски рече дека не се знае кога ќе биде пикот со најмногу заболени од коронавирус и се се сведува на предвидувања.
„Дилемата за да се воспостави кризна состојба по вонредната состојба, ја надминавме минатиот пат на претходните седници кога се дебатираше дали е неопходно да се воведе кризна состојба на целата територија или на одредени. Заклучокот беше дека не е потребно воведување на кризна состојба на цела територија, поради економските индикатори кои покажуваа нагло влошување или можности за нагло влошување. Собранието е распуштено, нема можност да се свика и во таква ситуација вие не можете да направите пренамена ако треба, а треба, на одредени буџетски ставки, ниту можете да одите со задолжување од надвор, бидејќи за тоа е потребно измена на закони или носење на нови, а тоа е невозможно кога немате парламент, односно функционален парламент. Во таква ситуација беше заклучено дека што се однесува до безбедносните институции, тие си ја вршат таа работа“, додаде Пендаровски.
Тој вели дека ниту Владата не ја разгледувала мерката за воведување на деноноќен полициски час, а според заклучоците на Советот за безбедност, нашата држава е статистички понапред во позитивна смисла во однос на земјите од соседството.
„Не разгледувавме воведување на 24 часовен полициски час на онаа седница, а како што знам ниту главниот штаб лоциран во Владата не разгледувал таква мерка. Се цени дека нема потреба од воведување на поригорозни мерки во однос на ограничувањето на движењето на нашите граѓани. Се смета дека со ова ниво, зборам за денес, се постигнуваат задоволителни ефекти. Според компаративните статистички показатели, нашата земја, во однос на досега заразените, починатите, тестираните, односно сите индикатори, не е под нивото на земјите од Европската Унија. По некои од тие статистички индикатори е и понапред во позитивна смисла во земјите од нашето опкружување“, посочи Пендаровски.
Тој посочи дека ја поддржува мерката за функционерите да зимаат минимална плата до 14.500 денари во време на вонредната состојба, но не поддржа сите вработени во државната администрација да земаат минимална плата. Пендаровски рече дека е спремен да се откаже и целосно од неговата плата, ако Владата предложи таква мерка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.