Македонија
Пендаровски од Белград: Иницијативата мал шенген не е алтернатива за ЕУ
Освен независноста на Косово, Македонија и Србија немаат други отворени билатерални прашања, рече денес српскиот претседател Александар Вучиќ по пленарната средба на делегациите од двете држави. Имаат ист став за членството во ЕУ, за кое велат дека нема алтернатива, сметаат дека здружувањето во мал шенген е паметен избор и не е замена за членството во ЕУ.
Вучиќ рече дека разговарале искрено и отворено за сите клучни прашања и регионални иницијативи.
„Односите меѓу двете држави се со повеќе доверба отколку пред две-три години. Трговската рамена во 2018 година изнесува 857,8 милиони и бележи зголемување за 7,6 %. Сакаме да напредуваме до една милијарда, тоа е психолошката граница да работиме заедно за поголем проток на стоки и луѓе“, рече Вучиќ.
Нагласи дека е среќен што во Македонија има 36.000 Срби кои подеднакво ги сакаат Србија и Македонија и најави дека е време реципрочно да се отворат културни центри во двете земји.
За мини шенгенот Вучиќ вели дека е паметен избор во време кога Европската Унија не знае ниту што со себе ниту, пак, има визија што да направи со нашите земји.
„Кога ни Европа не знае каде оди, а ние сме на тој пат, кон Европа, да го направиме она што можеме сами. Горди сме на договорот, знаете колку сум јас тврдоглав, сметам дека ова е паметен избор. Будали против овој договор има секаде. На Рама му замеруваат дека помагал за голема Србија, овде замеруваат дека се помага за голема Албанија“, рече Вучиќ и нагласи дека во малиот шенген се залага да членуваат сите шест земји кои треба да се насочат на подобрување на инфраструктурата, патиштата, железницата и економската размена.
Претседателот Пендаровски, пак, рече дека разговарале за средбите со Макрон кој ги уверувал дека мини шенгенот не е алтернатива на членството во ЕУ.
„Макрон не ни нуди четврта Југославија. Регионалната иницијатива мал шенген е комплементарна со иницијативата за ЕУ“, рече претседателот Пендаровски.
Објаснувајќи за новата методологија за членство во ЕУ, Пендаровски рече дека добил уверување дека најдоцна во март ќе биде усвоена, но повтори дека сепак не добил гаранции за отворање на пристапните преговори со Македонија.
Пендаровски на заедничката прес-конференција рече дека очекува во 2020 година Вучиќ да дојде во посета на Македонија за да може да возврати за гостопримствотото.
Официјалната посета Пендаровски ја продолжи со средба со премиерката Ана Брнабиќ, а за доцна попладне е планирана средба со претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што загинаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

