Македонија
Пендаровски од Малме: Ќе го зголемиме обемот на часови за холокаустот и ќе направиме да станат задолжителни

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Малме, Кралството Шведска, се обрати на Меѓународниот форум за сеќавање на холокаустот и борба против антисемитизмот REMEMBER – REACT (Запомни – Реагирај), на сесијата „Зачувување на сведоштва и развој на образование за иднината“.
Во своето обраќање, Пендаровски потсети на трагичната судбина на македонските Евреи и, како што рече, ѕверствата што се случиле на територијата на денешна Република Северна Македонија во Втората светска војна за кои светот треба повеќе да знае.
„7.144 Евреи беа однесени од територијата на денешна Република Северна Македонија во Треблинка. Сите беа убиени таму. Тоа е 98 отсто од целата еврејска популација што живееше во тој регион, во тој дел на Балканот во тоа време. Говорам за 1943 година, кога сите овие луѓе биле земени од нивните домови. Според некои релевантни историски извори тоа е, за жал, највисокиот процент во Европа на еврејско население што било земено и убиено во концентрационите логори“, рече Пендаровски.
Тој потсети дека во спомен на сите тие луѓе, во 2011 година во Скопје е изграден Меморијален центар на холокаустот и истакна дека досега илјадници луѓе го посетиле и се запознале за злосторствата сторени од нацистичка Германија и од нивните тогашни сојузници. Претседателот Пендаровски на форумот најави дека нашата држава одлучи да направи уште неколку заложби во блиска иднина.
„Ќе го зголемиме обемот на часовите за холокаустот и антисемитизмот во завршните одделенија во основното образование и ќе направиме да станат задолжителни, второ – ќе направиме задолжителни посети на Меморијалниот центар на хјолокаустот во Скопје од страна на сите деца, ученици од основното и средното образование и третата заложба е дека нашата Влада ја има веќе усвоено работната дефиниција за антициганизмот и дискриминацијата кон Ромите“, рече претседателот Пендаровски во своето обраќање на форумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.