Македонија
Пендаровски отфрла каква било поврзаност со лицата од случајот „Планина“
Кабинетот на претседателот реагира на наводите изнесени на денешната прес-конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, на која се инсинуира наводна поврзаност на претседателот Стево Пендаровски со лица вмешани во случајот „Планина“.
„Претседателот Пендаровски, за време на изборната кампања на претседателските избори во 2019 година посети населени места на целата територија на државата, при што се фотографираше со сите граѓани што тоа ќе го побараа од него. Претседателот Пендаровски лично не се познава со лицата од посочената фотографија. Како што може да се види, претседателот не е седнат во друштво на посочените лица, туку е фотографиран стоејќи, на нивно барање. Поради тоа, Кабинетот на Претседателот отфрла било каква поврзаност на претседателот Пендаровски со лицата вклучени во случајот“, се наведува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Еднаква поддршка за сите – урбаните општини имаат целосен пристап до услугите на Ресурсниот центар
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работна средба со градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски и членовите на Советот на општината. Разговорите беа насочени кон клучните приоритети на општината, тековните инфраструктурни активности, како и кон можностите за дополнителна поддршка преку Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините, кој обезбедува експертиза, насоки и техничка помош согласно потребите на локалната самоуправа.
Општина Карпош, преку потпрограмата АА за инфраструктурни инвестиции во општините, во рамки на двата јавни повика доби средства во вкупна вредност од 694.970.635 денари, наменети за финансирање на 24 проекти. Овие проекти опфаќаат интервенции во локалната инфраструктура, изградба и реконструкција на спортски сали и градинки – инвестиции кои директно го подобруваат квалитетот на живот за жителите на општината.
„Карпош е пример за современа урбана општина со активна заедница, силни локални иницијативи и граѓани кои активно учествуваат во креирањето на локалните политики.“, нагласи Перински.
Градоначалникот Сотир Лукровски ја поздрави иницијативата за информативно-координативна средба со која се утврдија неколку приоритети кои директно ќе влијаат врз ефикасното работење на Министерството за локална самоуправа и општините.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Молдавија, Емил Жакота
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Молдавија, Емил Жакота, кому му посака успешно извршување на значајната дипломатска мисија.
Триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, според нив, сведочи за долг период на меѓусебно пријателство, што во иднина треба да се збогати со поширока соработка во повеќе области, пред сѐ во економијата, за што е потребна соодветна правна рамка.
За обајцата, иднината на двете држави, коишто споделуваат исти демократски вредности е во европското семејство, кадешто припаѓаат географски, културно и историски.
Заедничките аспирации за интегрирање во ЕУ, според Сиљановска-Давкова, се основа за натамошно интензивирање на политичките односи, укажувајќи дека проширувањето е незапирлив процес којшто ќе донесе траен мир, стабилност и просперитет во регионот, Европа и пошироко. Таа го поздрави напредокот на Молдавија во евроинтеграцискиот процес и изрази подготвеност за споделување на македонското искуство.
Амбасадорот се заложи за унапредување на политичката, економската и културната соработка.
Тој изрази уверување дека Меморандумот за соработка во областа на европската интеграција, потпишан во Кишињев минатата година овозможува Молдавија да ја користи македонската експертиза во поглед на европските фондови, јакнењето на институционалните капацитети и усогласувањето со европското законодавство.
Сиљановска-Давкова упати покана до молдавската претседателка Маја Санду за официјална посета на државата.
Македонија
Град Скопје издаде препораки за загадениот воздух и најави засилени инспекции
Град Скопје објави препораки поради загадениот воздух и најави засилени инспекциски контроли на сите постројки што поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи.
„Ве известуваме дека Секторот за заштита на животната средина како надлежен сектор во врска со предлагањето мерки и активности за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, во согласност со со акциските планови за воздух, а во пресрет на зимската сезона и на очекуваните епизоди со зголемено загадување на воздухот, ги предлага следниве препораки:
Редовно чистење на оџаците во домовите и одржување на грејните тела; за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми или каков било синтетички материјал; да се користи суво и чисто дрво за затоплување, без примеси од земја и отпадоци; печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовен сервис на котлите, печките и на клима-уредите за ефикасно согорување и помалку емисии на штетни материи“, се наведува во соопштението.
Град Скопје ги известува граѓаните дека во периодот што е пред нас ќе следуваат засилени инспекциски контроли на сите постројки што поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи, а особено внимание ќе се посвети на откривање и спречување на спалувањето отпад.

