Македонија
(Видео) Пендаровски се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, преку видеопорака се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што оваа година поради пандемијата со Ковид-19 се одржува дигитално.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:
„Оваа летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ја организираме во несекојдневни услови. Поради пандемијата од Ковид-19 не можеме да бидеме заедно на брегот на Охридското Езеро, што било инспирација за словенските просветители Св. Климент и Наум Охридски и македонските преродбеници Миладиновци, Прличев и Шапкарев.
Меѓутоа, ме радува што ниту пандемијата не нè спречува барем виртуелно да ја продолжиме традицијата на Меѓународниот семинар. А да продолжиме е особено важно, и тоа најмалку од неколку причини.
Прво, одбележуваме значајни јубилеи, меѓу кои и 75-годишнината од објавувањето на македонската азбука и правопис. Во 1945 го заокруживме процесот на кодификација на македонскиот стандарден јазик. Со тоа македонскиот стана јазик на образованието, науката и уметноста не само во Република Северна Македонија, туку и на универзитетските катедри и лекторати во Европа и светот. Иако поради неповолната општествено-историска и политичка ситуација, македонскиот јазик е релативно доцна стандардизиран, неговиот историски континуитет е неспорен. Неговата долга усна и писмена традиција и богатството од дијалекти е одамна апсолвирано прашање во светската лингвистичка наука.
Сепак, повторно сведочиме на една анахрона реторика на оспорување на засебноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик. Затоа ни е потребен соодветен научен и аргументиран одговор кој се разбира дека го поседуваме. Токму во таа насока се и четирите тома за македонскиот јазик што неодамна ги објавија Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик.
И луѓето и настаните што ги чествуваме годинава се потврда на континуитетот на македонскиот јазик. Во 1920 година почина народниот раскажувач Марко Цепенков. Истата година е роден еден друг раскажувач – писателот Славко Јаневски, кој се смета за автор на првиот објавен роман на стандарден македонски јазик.
Годинава одбележуваме и еден век од раѓањето на основоположникот на македонската дијалектологија Божидар Видоески. Тој го втемели овој меѓународен семинар како креативна заедница во која до сега учествувале над 5.000 учесници од над 60 земји кои имале можност одблиску да се запознаат со македонскиот јазик и неговите специфики. Оваа исклучително важна меѓународна манифестација имаше и има голема улога во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ целиот свет.
Затоа почитувани, вашето учество на овој дигитален семинар и желбата да научите повеќе за македонскиот јазик и култура го разбираме не само како ваша посветеност кон научната вистина, туку и како чин на солидарност со македонските слависти и македонисти. И за тоа сум ви навистина благодарен.
Ви посакувам плодна работа, инспиративни дискусии, продлабочена соработка и пријателства. И искрено се надевам и посакувам наредната година да се видиме во Охрид“, порача Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Криминалецот Ацо Велковски, кандидатот на СДС за општина Лозово е сигурна формула за длабок пораз

„СДС нема квалитетни кадри и како резултат на тоа по четврти пат во Општина Лозово го кандидира Ацо Велковски. Доколку СДС имаа луѓе со капацитет, немаше да го кандидраат човекот кој има доживеано два локални порази и кој зад себе има повеќе кривични дела“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Велковски е осуден за повеќе кривични дела и тоа за несовесно работење за кое му е изречена казна затвор од времетраење од 1 година и 6 месеци. За кривичното дело проневера во служба, на Велковски изречена му е казна затвор од 8 месеци која беше заменета со алтернативна мерка условна осуда.
Освен овие две Велковски има и уште едно кривично дело и тоа за неовластено навлегување во компјутерски систем, за што судот му изрекол казна затвор од 3 месеци и истата е заменета со алтернативна мерка-условна пресуда.
И ова како да не е доволно за криминалната матрица на СДС, Венко Филипче повторно го избра Ацо Велковски да биде кандидат на локалните избори.
И ова не е ништо друго освен сигурна формула за загарантиран и длабок пораз на СДС на претстојните избори.
СДС повторно ќе „трча“ со истите луѓе кои имаат длабоко криминално досие, но граѓаните препознаваат и нема да дозволат општината да се врати во времето кога се бркаа бремени жени од работа, и кога се изживуваа со вработените во општинската администрација.
Ацо Велковски, кој работеше исклучиво само за свои лукративни цели не може да биде вистинскиот избор за Општина Лозово.
Наспроти овие кадри, кои се и повеќе од познати во јавноста по своите криминали, ВМРО-ДПМНЕ нуди кадри поткрепени со знаење и професионализам“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Влен: Али Ахмети дијаспората заслужува одговор – со каков договор ја предаде?

По долго молчење, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, конечно реши да проговори. Да се каже дека „пописот бил во рамките на договорите“ не претставува само јавно признавање на одговорност, туку и шокантен доказ за политичките пазарења направени на грбот на албанската дијаспора. Оваа изјава не е објаснување, туку скандал, велат од Влен.
Затоа, додаваат од коалицијата, Али Ахмети мора јасно да одговори: со кој договор, со кого беше постигнат, во чие име и дали тој договор значеше бришење на албанската дијаспора од официјалните регистри?
„Ако е така, тогаш тоа мора јавно да се признае. Дијаспората заслужува одговор, а одговорноста е неизбежна. ВЛЕН ќе продолжи да го крева гласот за правата на секој Албанец, во земјата и во дијаспората. Дијаспората не е бројка што може да се избрише, туку срцето што ја одржува живa економијата и надежта на оваа земја. Ние го цениме нивното жртвување и сме решени да не дозволиме ниту една политичка измама да го негира нивниот придонес“, велат од Влен.
Македонија
„На СДС и Филипче им премина во навика преку функционери да се закануваат, овој пат на новинари преку Костадинов“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Насилството, ароганцијата, заканите, јавното линчување на луѓе и говорот на омраза почнуваат да стануваат заштитен знак на СДС. Преку своите, и така малку функционери, во изминатиот период СДС демонстрира загрижувачки деликвентен однос казнив со закон“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како да не беше доволно насилството и заканите на нивниот советник во Советот на Општина Кочани, сега во исто сценарио влезе и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов кој јавно се заканува на новинари и повикува на освета.
Ова не може да биде случајност, тоа е сценарио на СДС и Венко Филипче да ги заплашат и замолчат новинарите, да не смеат да бидат критички кон нив.
Ова го потврдува и фактот што веќе втор ден ги нема ни СДС, ни Филипче збор да кажат и да го осудат ваквиот примитивен и нецивилизиран начин ка јавна комуникација на Костадинов, полна со закани и говор на омраза.
Костадинов упати продолжена закана по животот на новинарот, потенцирајќи дека врз него ќе биде извршена освета со тешки последици по неговиот живот.
„Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности.”, е порака која СДС и Филипче ја праќаат преку Костадинов со цел да внесе траен страв кај новинарот.
Тој понатаму додава, „Ова што го направи ќе го носиш како клетва. Ќе ти стои зад секоја реченица. Ќе те демне по секој агол. Ќе ти дојде кога најмалку очекуваш.”
Но, овој новинар не е цел сам по себе, ова е тактика на СДС и Филипче за заплашување на новинарите, кои имаат за цел трајно да го исплашат новинарот и кај него да внесат постојана несигурност.
На оваа закана не смее да се молчи, затоа ги повикуваме СДС јавно да се оградат и да го осудат Костадинов, во спротивно ќе докажат дека нападот врз новинарите е нивна партиска политика.
А воедно, упатуваме апел до Јавното обвинителство да го повика Костадинов на распит за да го праша како планира да ја изврши осветата, за која сам пишува дека е од траен карактер, а потоа и да поведе постапка против него.
Оваа закана не смее да помине и да остане неказнета.
Ако општеството и институциите потклекнат под оваа јавна закана на Костадинов се става во траен ризик од губење на сите до сега воспоставени законски стандарди и општествени норми“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.