Македонија
Перински: Владата продолжува да се фокусира на граѓаните и општините

„Владата покажа дека локалната самоуправа ја препознава како еден од најважните столбови во државното уредување. Дадовме ветување дека ќе се насочиме кон поддршка на локалните самоуправи, со оглед на тоа дека тие се првиот контакт помеѓу власта и граѓаните. Во таа насока работевме и ќе работиме, не само декларативно“, истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на денешната, трета по ред „Платформа 100% Посветено на тебе“, на која во фокусот беа земјоделието, животната средина и локалната власт.
Зборувајќи за јавниот повик за поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти со пари од централниот буџет, Перински посочи дека процесот е отпочнат и дека за оваа година предвидени се 6 милијарди денари.
„Факт е дека општините не можат да ги реализираат тие проекти со нивните сопствени буџети. Затоа сметавме дека е неопходна една ваква интервенција од централниот буџет, а насочена кон подобрување на инфраструктурата. Целта е да не оставиме ниту едно населено место без соодветна патна, канализациона, водоводна инфраструктура, да не дозволиме да имаме дечиња коишто учат во супстандардни услови“, истакна министерот, кој смета дека со владината финансиска помош ќе се надминат основните проблеми со кои се соочуваат дел од општините, по што ќе може да се продолжи со рамномерен регионален развој, каков што доликува на сериозна држава.
„Намерата на повикот е благородна, нема грам политика. Ниту една општина не беше субјективно исклучена од процесот. Напротив, тој беше наменет за сите локални самоуправи. Се надевам дека со ова значително ќе придонесеме за подигнување на квалитетот на живот на граѓаните“, истакна Перински, кој потенцира дека вакви мерки им се потребни на локалните самоуправи, затоа што буџетите со кои тие располагаат не се доволни за поголеми инвестиции, кои се неопходни за граѓаните.
Перински на денешната „Платформа 100% Посветено на тебе“ појасни кои се причините за најавените измени во Законот за локална самоуправа, кој во основа е добар, но сепак неопходно се интервенции во одредени делови.
„Законот беше резистентен на сите предизвици во изминативе две декади и сметаме дека има можност истото законско решение да се подобри од неколку аспекти. За жал, сведоци сме на несовесни однесувања на одредени градоначалници, кои сега со ова законско решение не можат да бидат отповикани. Главниот фокус и главната интенција за отворање на овој закон беше токму во таа насока“, истакна министерот, кој информираше дека е формиран експертски тим којшто со поддршка од страна на УНДП треба да ги увиди сите можности како во рамки на постојното законско решение да се интегрира алатка за отповикување на градоначалниците.
„Во суштина треба да им се даде алатка и механизам на граѓаните коишто ги избираат градоначалниците да можат истите да ги отповикаат, без притоа оваа алатка да се злоупотребува. Сметаме дека на овој начин значително ќе придонесеме за подобрување и зголемување на квалитетот на работењето на самите градоначалници, бидејќи ќе го имаат ризикот за отповикување, доколку не работат соодветно и согласно законските рамки. Вториот аспект е воведување на комунална полиција која функционира во многу земји во регионот и пошироко. Целта е да превенираме девијантни однесувања на несовесни граѓани“, рече Перински кој најави дека се размислува во изменетото законско решение да се вметне и рамка за поголемо вклучување на граѓанскиот сектор во одлучување и креирање на политики на локално ниво.
Императив на Министерството за локална самоуправа во периодот што следи е и дигитализацијата на општините, односно планирано е до 2026 година сите локални самоуправи да ги испорачуваат услугите по електронски пат.
„Паралелно до тогаш, планирано е општините да ги ажурираат и базите на даночните обврзници. Податоците покажуваат дека општините сега губат од 100 – 120 милиони евра поради ниската наплата. Со е-данок градоначалниците нема да можат да бидат субјективни при издавање на решенија на данок на имот, целиот процес ќе биде системски“, појасни Перински, кој информираше дека Министерството за локална самоуправа со поддршка на УНДП работи на подготовка на Ресурсен центар кој ќе нуди експертиза од сите области кои ги нудат општините, а значително ќе биде од помош пред се за помалите општини, кои, како што оцени Перински, имаат недостаток од човечки потенцијал кој може соодветно да ја развива општината.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавите за напуштање на општините Струмица и Карпош од ЗЕЛС, министерот оцени дека во случајот најмногу би изгубиле граѓаните. Јавно апелираше за разум до градоначалниците и изрази надеж дека тие ќе се премислат во интерес на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Богородица се чека еден час за влез во државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: СДС е последната партија што може да зборува за правда и култура

„Кога СДС зборува за правда, тоа звучи исто како крадец да држи предавање за чесност. Кога СДС зборува за култура, тоа звучи како пироман да се фали дека го изгаснал пожарот. СДС, како и секогаш, кога институциите конечно почнуваат да работат професионално, после хаосот што го оставија зад себе, се обидува да шири лажни вести, страв и дезинформации. Тоа не е ништо ново, тоа е нивна стара стратегија – кога немаат аргументи, измислуваат афери“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Меѓутоа, јавноста добро памети.
Во време на СДС:
– се гасеа истраги и се уценуваа обвинители;
– криминалци од врвот на власта беа заштитени како свети крави;
– граѓаните беа сведоци на политички прогон на неистомисленици;
– Врховниот суд беше партиски штаб, а Советот на јавни обвинители нем набљудувач на криминалот.
Министерството за култура, во нивно време, беше претворено во каса за партиски трансакции и награди за блиски личности. Грантови се делеа без критериуми, по телефон, по пријателски врски и по заслуги кон партијата. Уметниците кои не беа лојални, беа игнорирани или санкционирани. Установите беа блокирани, а културата сведена на приватен бизнис за избрани поединци.
Културните работници, вистинските уметници и институциите денес конечно здивнаа. Заврши времето кога маички XXL и авионски карти за егзотични дестинации се купуваа од државни пари, додека проекти од национална важност беа одбивани.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи притисоци врз обвинителството, но ниту ќе дозволи заштита за било којшто се огрешил пред законот – без разлика на партиска, етничка или друга припадност.
Тоа е разликата меѓу нас и нив!
Ние се бориме за држава на еднакви, не на привилегирани!
Тие се борат да се вратат на власт за повторно да ја контролираат правдата и да продолжат со грабежот.
Но времето на криминалците заврши.
Македонија е во рацете на чесните граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Струмичко-скопскиот епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати писмо по повод упокојувањето на папата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, на Светол Понеделник, 21 април 2025 година упати писмо до сите парохии и монашки заедници во Македонија по повод упокојувањето на папата Фрањо.
„Драги браќа свештеници, чесни сестри и верници,
Со голема тага, но и со вера во воскресението и животот вечен, денес во утринските часови на Светол Понеделник, 21 април 2025 година, Господ го повика кај Себе Својот слуга, и наш возљубен пастир, Петровиот наследник, папата Фрањо.
Благодарни сме на Бога за неговиот понтификат, кој на негов својствен начин го покажуваше постојано милосрдното лице на Отецот, а посебно беше глас на сиромашните и маргинализираните. Благодарни сме на неговата Апостолска посета на Македонија во мај 2019 година, која ќе остане во нашите сеќавања и запишана во историјата на Република Македонија. Неговото заземање за мир во светот, за дијалог и братство меѓу народите ќе останат негов завет за идните генерации.
Во овие денови на жалост, како Црква сме повикани на единство и благодарност за дарот што Господ ни го даде преку папата Фрањо. Со вера и надеж да молиме од Воскреснатиот Христос, да ги слушне евангелските зборови: Добар и верен слуго, влези во радоста на својот господар! (сп. Матеј 25,21) и да го прими во Неговото царство.
Ги повикувам сите свештеници и монашки заедници, како и сите верници да се обединат во лична молитва за покојниот папа Фрањо и одредувам денес од сите цркви во 15.00 часот да се огласат камбаните, пропратени со молитви на верниците. Одредувам ден пред неговиот погреб во сите цркви да се служи света Литургија задушница за папата Фрањо“, се наведува во писмото.