Македонија
Перински во Радишани: Мегапарк, проект за поголема урбанизација на општина Бутел
Денеска започна изградбата на мега парк, јавна површина со плоштад и пешачка патека во Радишани, кaко еден од дванаесетте проекти кои Општина Бутел ќе ги реализира со средства одобрени на првиот владин јавен повик за финансиска поддршка за инфраструктурни општински проекти. Во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“, на отпочнувањето на градежните работи за мега паркот, присуствуваа министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и заменикот министер за локална самоуправа, Ерџан Селими.
Градоначалникот Дарко Костовски, истакна дека овој проект е еден од долгогодишните барања на локалното население, кој ќе се реализира во наредниве 12 месеци, благодарение на поддршката на Владата. Предвидена е урбанизација на простор од 10.000 метри квадратни, од кои 6.000 квадрати ќе бидат зеленило, а на 4.000 метри квадратни ќе се изгради плоштад на кој ќе има големо детско игралиште и пешачки патеки, односно катче за рекреација за сите генерации.
„Се случува ренесансен период во општина Бутел, благодарение на Владата и премиерот, кои увидоа дека директната помош која ја даваат на општините ќе направи буквална разлика од се што било досега“, истакна градоначалникот Костоски, кој најави дека Општина Бутел досега поднела 14 апликативни формулари на вториот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти.
Поддршката на општина Бутел, но и на сите останати во земјава, ќе продолжи со зголемен интензитет, најавија министрите Перински, Николоски и премиерот Мицкоски.
„За нас како Влада ова не се само инфраструктурни проекти, туку се и основ и доказ за посветеноста во насока на реализирање на проекти коишто се од исклучително значење за граѓаните и во таа насока и ќе продолжиме. Овој мега парк е еден од дванаесетте проекти од првиот владин повик, а Бутел досега има поднесено 14 проекти на вториот повик и се надевам дека минимум уште толку ќе поднесе во периодот што следи“, рече Перински.
Министерот за транспорт, Николоски, истакна дека директната помош на општините ќе продолжи не само преку владиниот повик за поддршка на проекти, туку и со кредитна линија преку Светска банка.
„Општина Бутел со сите проекти кои се реализираат и ќе се реализираат, доживува период на преродба. Нѐ чека уште многу работа, уште да се изгради. Оваа Влада, со оваа локална самоуправа има амбиција да гради и така ќе продолжи и во иднина“, најави премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

