Македонија
Петровска – Блашчак: Македонија и Полска се амбициозни во унапредувањето на одбранбената сојузничка соработка
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во Варшава се сретна со својот полски колега, министерот за одбрана Мариуш Блашчак, со кого разговараше за европската интеграција на нашата земја, безбедносната состојба во Европа и развојот на одбранбената соработка помеѓу двете земји сојузнички во НАТО.
Петровска му се заблагодари на Блашчак за континуираната и гласна полска поддршка за членство на Северна Македонија во Европската Унија, при што истакна дека евроинтеграциите се уште еден начин на зацврстување на единството на европскиот континент и гарантирање на сигурноста на граѓаните.
„Северна Македонија е европска демократија, која и во најтешкиот период по руската агресија врз Украина покажа дека целосно ги почитува и ги поддржува меѓународните правила и принципи. Со Северна Македонија како полноправен член, Европската Унија ќе биде побезбедна и посилна“, рече министерката на средбата.
Петровска и Блашчак изразија волја и интерес за засилување на македонско-полската билатерална одбранбена соработка, особено во доменот на заедничките обуки и вежби, при што министерката Петровска посочи дека неодамна завршената вежба „Анаконда 23“ во Полска, на која учествуваа македонски офицери, е пример за начинот на кој заеднички можеме да ја развиваме интероперабилноста во НАТО.
Во однос на безбедносната состојба на континентот, Петровска ја реафирмира македонската поддршка за Украина преку хуманитарна и воена помош имајќи предвид дека Русија ги прекрши принципите на меѓународниот поредок, а Украина има полно право да ги одбрани својата сувереност и својот територијален интегритет.
Министерот Блашчак се заблагодари за учеството на министерката Петровска на Варшавскиот безбедносен форум и порача дека земјата е отворена за засилување и унапредување на одбранбената соработка со Северна Македонија како земја сојузник.
Претходно, министерката Петровска се сретна и со Стефан Дион, специјален претставник на Канада за Европската Унија и Европа, со кого разговараше за европската интеграција на земјите од Западниот Балкан.
„Северна Македонија е европска држава, која ги споделува европските вредности и припаѓа во Европската Унија. Европскиот пат на Северна Македонија мора да продолжи. Тоа е одговорност на секој политички субјект во Еврпскоата Унија и во Северна Македонија и јас очекувам лидерство и храброст да се завршат преземените обврски, кои ќе овозможат да чекориме на патот кон полноправно членство во Унијата“, рече министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

