Македонија
Петровска ги посети војниците кои се дел од силите на НАТО во Бугарија

Припадниците на Армијата на Македонија кои се дел од мултинационалните сили на НАТО во Бугарија се на ниво на задачата, мотивирани, посветени и исклучително професионални во остварувањето на единствената заедничка цел – да бидат гарант за безбедноста на секоја педа сојузничка територија, рече министерката Славјанка Петровска по посетата на армискиот вод кој е дел од силите на НАТО во Бугарија, во рамки на активностите на зголемена будност на Алијансата, воведени на вонредниот Самит на НАТО во Брисел во март 2022 година, по руската агресија во Украина. Целта на мисијата е гаранција на безбедноста на целата територија на Алијансата.
Во базата во Ново Село, министерката Петровска им се заблагодари на македонските, но и на бугарските и сите припадници на сојузничките армии кои се дел од мултинационалната група на НАТО во Бугарија за нивниот придонес кон безбедноста на НАТО.
„Чест и задоволство ми е што денеска заедно со мојот колега дојдовме тука да ги посетиме војниците од оваа група, меѓутоа исто така да им обрнеме особено внимание на нашите, на македонските и на бугарските војници. Особено ме радува и информацијата од брифингот кој го имавме од командантот, од успесите кои се забележани, од начинот на којшто двете армии во состав на оваа мултинационална сила заедно функционираат, заедно работат и се разбира заедно ги бранат интересите на НАТО алијансата“, рече министерката Петровска.
Министерката посочи дека сите политички одлуки кои беа донесени во рамките на Алијансата, во однос на безбедноста на НАТО алијансата, денеска војниците го спроведуваат тоа на дело.
„Уште повеќе ме радува што сите оние политички одлуки кои изминатиот период ги носевме во рамките на НАТО алијансата и како гаранција за мирот, безбедноста на секоја педа територија на земјите членки на Алијансата, војниците овде се подготвени тоа да го спроведат на дело. Секое едно вложување и инвестирање во нив значи инвестирање во нашата иднина и во нашата безбедност и затоа ја заслужуваат нашата поддршка“, подвлече министерката.
Бугарскиот министер за одбрана, Тагарев посочи дека во Ново Село со министерката Петровска беа сведоци на реалната примена на концептот за зголемена будност на НАТО и изградбата на мултинационалните борбени групи кои се елементи на капацитетот за одвраќање и одбрана на источното крило на НАТО.
„Овде, придонесуваат со војници седум земји, водечка земја е Италија со многу сериозен капацитет, но секој придонес на наш сојузник кон заштитата на НАТО и нашата територија е ценет, вклучително и на воените лица од Македонија. Јас сум многу благодарен што имам можност заедно со министерката Петровска да присуствуваме овде. Видовте воени лица од двете страни во еден строј, со знамињата, со почит еден кон друг“, рече бугарскиот министер.
Министерот Тагарев посочи дека војниците од двата контингенти одржуваат дневни контакти со кои се гради соработката и капацитетот заедно да ја гарантираме сигурноста на сојузот.
Македонскиот контингент во мултинационалните сили во Бугарија е во големина на еден вод. Во овие сили има над 1.000 припадници од сојузниците Македонија, Бугарија, Албанија, Грција, Црна Гора, Турција и САД, под водство на Италија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извршниот одбор на СДСМ донесе неколку заклучоци

Извршниот одбор на СДСМ го потврди предлогот на Ковачевски и кандидат за претседател на Собранието го избра Јован митревски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
„Митревски е пратеник со искуство, вреден, отворен, чесен и посветен на интересот на граѓаните, докажан во неговиот ангажман во Собранието. Сигурни сме дека Митревски ќе ја извршува функцијата на највисоко ниво“, рече портпаролот на СДСМ Дарко Каевски.
ИО го задолжи генералниот секретар да го подготви роковникот за постапка, начин и критериуми за кандидат за претседател на претседателските избори, согласно статутот на партијата.
За шеф на централниот изборен штаб на СДСМ, извршниот одбор го предложи Миле Зечевиќ Вардарски.
Македонија
Османи во посета на Женева

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе учествува на настанот на високо ниво за Одбележување на седумдесет и пет години од Универзалната декларација за човекови права, организиран од Обединетите Нации во Женева.
Преку неговото обраќање, Османи ќе ги презентира заложбите на Северна Македонија во овој важен домен.
За време на престојот во Женева, Османи ќе оствари низа билатерални средби со високиот комесар за човекови права Волкер Турк и високиот комесар за бегалци Филипо Гранди, како и генералните директори на светската здравствена организација и меѓународната организација за миграции Тедрос Аданом и Ејми Поуп, соопштија од МНР.
Македонија
Ковачевски: Кандидатот за претседател на државата ќе биде од СДСМ, а не од ДУИ

Ковачевски пристигна во штабот на СДСМ каде во 19 часот ќе се одржи состанок на извршниот одбор и рече дека денеска ќе биде потврдена неговата одлука – координаторот на пратеничката група, Митревски, да седне во фотелјата на Талат Џафери. На прашањето дали би поддржал претседател Албанец од ДУИ, како што вчера најави Османи, премиерот рече дека нема никаква дилема оти кандиндатот за претседател ќе биде од СДСМ.
„Сите политички партии имаат свои амбиции, меѓутоа претседателскиот кандидат ќе биде од СДСМ, како што беше на минатите избори и ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци итн. Тоа ќе биде претседалот на државата и во следниот мандат“ , рече премиерот.
Во врска со дилемите околу тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи свои членови во техничката влада, Ковачевски верува дека опозицијата ќе го стори тоа бидејќи така се договорила на лидерската средба.