Македонија
Петровска до новите потпоручници и питомци: Работете со ентузијазам и енергија, учете посветено зашто вие сте ликот на Армијата

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, се обрати на промоцијата на новите потпоручници во Армијата и свечената заклетва на новата класа питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
Во своето обраќање Петровска истакна дека професијата војник, подофицер или офицер во македонската Армија ја покажува љубовта кон татковината и решеноста секој да даде сопствен придонес во нејзиниот развој, безбедност и сигурност.
„Армијата на Република Северна Македонија е препознаена меѓу своите граѓани како институција што секогаш е подготвена да помогне и да одговори на сите предизвици, но истовремено и да даде свој придонес во одржување на мирот, безбедноста и стабилноста и надвор од границите на нашата држава“, истакна Петровска.
Упатувајќи честитки до новите офицери, од кои девет се мажи, а девет жени, Петровска истакна дека од денес тие стануваат дел од организација чиј темел се стандардите, редот и дисциплината, организација во која работат искусни професионалци, кои изминатите години дадоа несебичен придонес во развојот на Армијата, професионалци што нè водеа на патот кон најголемиот воено-политички сојуз, НАТО.
„Благодарение на овие искусни луѓе се вршеа процени и анализи, се изработуваа стратешки документи врз основ на кои се врши модернизацијата на Армијата. Се купува нова современа опрема и вооружување, кои вам и на вашите колеги ќе ви бидат од големо значење за извршување на задачите. Но, една Армија не е комплетна ако само се модернизира со опрема и вооружување. Вложувањето во секој еден од вас ја прави нашата Армија симбол на државноста“, потенцира министерката.
Министерката Петровска, осврнувајќи се на човечкиот капацитет, кој е клучен за натамошен развој на одбраната, на новите 39 питомци, кои денеска дадоа свечена заклетва, меѓу кои 31 се од Северна Македонија, шест се од Босна и Херцеговина и двајца од Црна Гора, им порача дека на Воената академија ќе создадат тим на млади офицери што ги поврзува нешто повеќе од униформата – почитта едни за други и ветувањето дека во иднина ќе направат сè да ја гарантираат безбедноста и мирот во овој регион на кој сите припаѓаме.
„Со ентузијазам ве гледам како тим што е подготвен да совладува секакви предизвици. Од денес секој од вас ѝ се приклучува на Армијата. Внесувате нова енергија, прогресивни размислувања, но никогаш не заборавајте на влогот на поранешните и сегашни искусни припадници на Армијата. Кон нив гледајте со голема почит затоа што тие се заслужни за ова што имаме денес“, рече министерката и додаде дека како министерка за одбрана нејзин приоритет е да обезбеди услови за нивна континуирана едукација и стручно усовршување.
Деканот на Воената академија, полковникот Митко Богдановски, за новопромовираните потпоручници рече дека се идните лидери и идните промотори на државата и на Армијата, а на питомците им честита за определбата да го продолжат своето образование на Воената академија и им посака успех во текот на студиите.
На свеченоста министерката Петровска и заменик-началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин, и советникот за национална безбедност на претседателот Стево Пендаровски, Блерим Кољали, на тројцата прворангирани питомци, Кристијан Илиевски, Николина Пејовиќ и Сара Илиевска, им врачија плакети за постигнатиот успех.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.