Македонија
Петровска поднесе кандидатура за претседател на СДСМ: Ниедна причина за овој пораз што го доживеавме не смее да остане скриена
Обединување на членството, дискусии и дебати за сите политички збиднувања во земјата како и анализа на причините за поразите кои ги доживеа СДСМ на овие избори, исто како и на локалните избори во 2021 година, ќе бидат основите на кои Славјанка Петровска ќе раководи со СДСМ доколку биде избрана за претседателка. Таа денес, по поднесувањето на кандидатурата, рече дека е подготвена низ долги и мачни дебати да ги откријат причините за поразите за да можат да продолжат понатаму.
„Ниедна причина за овој пораз кој сега го доживеавме не смее да остане скриена и не смее да остане да виси, да лебди некаде. Тоа, за жал, ни се случи во 2021 година. Тогаш се сметаше дека само со повикувањето на тогашниот претседател Зоран Заев ќе се надминат некои пропусти, но очигледно дека требала некоја посериозна реформа и подлабински промени. Мислам дека овој пат таа лекција е научена, барем од моја страна, и токму затоа ја поднесувам кандидатурата и сакам да застанам на чело на СДСМ“, рече Петровска.
Се одлучила з кандидатура по долги советувања со , како што рече, поискусните од неа и по 24 години активно членство. Заедно со кандидатурата ја поднела и програмата за работа стокмена во Манифест на социјалдемократијата.
„Во програмата се осврнувам на тоа што треба да бидат итни приоритети на новото раководство на СДСМ по големиот пораз што го доживеавме на овие избори. Иако СДСМ во минатото доживувал и порази, но и победи исто така, овој пат ситуацијата е специфична, особено имајќи ги превид политичките околности во државата. На ниту една државна, особено на Северна Македонија не и треба слаба опозиција или никаква опозиција. Затоа пред се е сериозен предизвик над се СДСМ да се исправи, да продолжи по патот на идеологијата на СДСМ и што е најважно да биде цврста опозиција за да може на таков начин да го гарантираме и патот на Република Северна Македонија“, вели Петровска.
Таа не сакаше да открие од кого добила поддршка за кандидатурата, но кажа дека тоа што веќе ја поднела значи дека има членови кои ја поддржуваат. Не сакаше да ги каже нивните имиња за да не ги злоупотреби, но рече дека можат оние кои ја поддржуваат доколку сакаат, јавно да го направат тоа.
Освен Петровска, во трка за лидер на СДСМ по двата последователни изборни порази, засега се Венко Филипче и Јован Деспотовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.