Македонија
Славјанка Петровска со восхит: Северна Македонија не е веќе дел од проблемот, туку дел од решението

Во Берлингтон, Вермонт, во присуство на министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, гувернерот на сојузната држава Вермонт, Фил Скот, и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, свечено се одбележа 30-годишнината од партнерството помеѓу македонската Армија и Националната гарда на Вермонт.
„Гледајќи наназад, во изминатите три децении, се потсетуваме на безброј поединци, кои се посветија на оваа соработка со својата стручност и експертиза. Им се восхитувам на визионерите, одлучноста и на силната верба во ова партнерство, кое станува уште посилно. Пред неколку децении се боревме со внатрешни кризи. Денеска сме земја членка на НАТО. Пред неколку години баравме итна помош. Денес, Северна Македонија повеќе не е дел од проблемот, таа е дел од решението. Преку ова партнерство градиме сопствени национални капацитети, ги подобруваме нашите процедури, ја модернизираме нашата Армија, но најважното е што изградивме многу силно пријателство“, рече министерката Петровска пред присутните на свечениот прием по повод 30-годишниот јубилеј.
Началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, порача дека изминатите 3 децении беа одбележани од одлична соработка, меѓусебно разбирање и размена на идеи и искуства. Националната гарда на Вермонт, порача генералот Ѓурчиновски, ѝ е повеќе од партнер на Армијата.
На свеченоста се обрати и командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Најт, кој истакна дека најважниот дел од партнерството се пријателствата и дека со нетрпение ги очекува следните 30 години, во кои ова партнерство ќе го достигне својот целосен потенцијал.
Во текот на вчерашниот ден Петровска ја посети и воздухопловната база на националната гарда на Вермонт, како и Оперативниот центар за итни случаи на Вермонт, каде што оствари средба со директорката на центарот, Ерика Борнеман.
Во текот на денот ќе биде одржана свечена церемонија и прием од страна на гувернерот на сојузната држава Вермонт, Фил Скот, каде што со министерката Петровска ќе потпишат заедничка изјава за 30-годишното партнерство. Воедно, Петровска ќе го посети и Воениот универзитет „Норвич“, која е најстарата приватна воена академија во САД и каде што македонските питомци имаа шанса да го надградат своето знаење. Петровска во „Норвич“ ќе оствари средба со претседателот на универзитетот, генерал-мајор Марк Анарумо, со кого ќе биде разгледана можноста за продолжување на соработка. Петровска ќе ги посети и сквадронот за сајбер-операции и баталјонот за информатички операции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Битола – Прилеп

Сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп е нормализиран, соопшти АМСМ.
Претходно од таму информираа дека поради случена сообраќајна незгода со жртва, пренасочен е сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп кај местото викано „Беровци“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Македонија
Сообраќајна несреќа со жртва на патот Битола – Прилеп

Поради случена сообраќајна незгода со жртва, пренасочен е сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп кај местото викано „Беровци“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Како што информира АМСМ, од 20.10 часот, сообраќајот е пренасочен по стариот пат.
Македонија
Спасен повреден чешки планинар на Шар Планина

Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово информира дека денеска во 16.42 часот на Единствениот повикувачки број 112 на ЦУК била добиена пријава од чешки планинар – скијач дека негов колега исто така чешки планинар е повреден додека планинареле и скијале на Попова Шапка и дека им е потребна помош.
„По примањето на информацијата дека треба да се извлекува и спасува повредениот на крајот од денот, пред да настапи ноќта, кога студот и видливоста се засилуваат и заради мракот и заради магла на одредени места, веднаш раководителот на РЦУК Тетово стапил во контакт со Националниот „Парк Шар Планина“ од каде што известиле дека тие стапиле во контакт со Горската спасителна служба на Попова Шапка, од каде потврдиле дека ги добиле координатите за локацијата на повредениот планинар. Потоа итно се упатиле со специјализирано возило за движење по длабок снег – „ратрак“, за да го извлечат повредениот планинар од местото на несреќата и да го превезат до центарот „Попова Шапка“. Кон тоа место на преземање на повредениот, паралелно со нивната спасителна акција за извлекување од повисоките снежни делови на Шара, од Итната медицинска помош од Тетово испратиле амбулантно возило за со него да биде пренесен повредениот до Клиничката болница во Тетово. Од ЦУК, преку Секторот за операции и координација, покрај ЈП „Национален парк Шар Планина“ и Итната медицинска помош, за настанот биле известени и „Елем Турс“ – државната компанија што стопанисува со Попова Шапка, Полициска станица (ПС) Попова Шапка, а и Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) Тетово“, истакнуваат од ЦУК.
Од ПС Попова Шапка, на почетокот на ноќта, во ЦУК била добиена повратна информација дека повредениот бил безбедно извлечен од планинскиот снежен повисок дел на Шара и на првата можна точка за преземање на асфалтен пат бил префрлен во возилото на Итната медицинска помош со што почнал транспортот, со медицински надѕор и нега според потребите, до клиничката болница во Тетово.