Македонија
Петровска – Троказ: Северна Македонија му припаѓа на европското семејство, членството во ЕУ е безбедносно прашање

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, се сретна со новоименуваниот специјален пратеник на Франција за Западен Балкан, Рене Троказ, со кого разговараше за безбедносната состојба во регионот, потребата од интензивирање на евроинтеграциските процеси како начин на унапредување на стабилноста и просперитетот на земјите од Западен Балкан, како и развојот на македонско-француската одбранбена соработка, како стратешки партнери и сојузници во алијансата.
Во контекст на интегративните процеси во регионот Петровска порача дека на евроинтеграцијата треба да се гледа како на безбедносно прашање, особено имајќи ги предвид глобалната безбедносна состојба и обидите за влијание на трети страни врз земјите од регионот. „Затоа е многу важно Северна Македонија да не губи време на својот евроинтегративен пат“, рече Петровска.
„По членството во НАТО, посветени сме на процесот на интеграција на земјата во Европската Унија. Не треба да губиме време на патот кон членството во Унијата, особено што уставните измени, кои се очекуваат од Северна Македонија, само ја потврдуваат земјата како демократска и мултиетничка земја и со ништо не го нарушуваат националниот идентитет. Напротив, внесувањето на бугарското покрај другите малцинства во Уставот засекогаш ѝ става крај на погрешната теза дека сме еден народ во две држави и го потврдува нашиот национален македонски идентитет. Она што ни наштетува е одложувањето на процесот“, порача таа.
Специјалниот француски претставник за Западен Балкан, Троказ, се согласи дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е и безбедносно прашање и го пренесе ставот на својата држава дека Северна Македонија му припаѓа на европското семејство, кое го обединуваат заеднички вредности, просперитет и стабилност.
„Северна Македонија ја има целосната француска поддршка за што побрзо членство во Унијата“, порача Троказ.
Во контекст на билатералната соработка во одбраната, Петровска потенцира дека Северна Македонија и Франција ја издигнаа соработката на ниво на стратешко партнерство. Таа зборуваше и за процесот на модернизација и опремување, при што истакна дека еден од клучните системи, системот за противвоздушна одбрана, Северна Македонија го набавува токму од Франција, што е потврда за развојот на француската воена технологија, како и за посветеноста на Северна Македонија за брз развој на своите вооружени сили.
Специјалниот француски претставник за Западен Балкан, Троказ, порача дека Франција високо ја цени улогата на Северна Македонија како сојузник и фактор на стабилност во регионот.
На средбата на Петровска и специјалниот пратеник Троказ присуствуваше и францускиот амбасадор во Северна Македонија, Сирил Бомгартнер, како и Матие Абграл од Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.