Македонија
Петрушевски: Два процента доверба од народот и Судскиот совет уште молчи за Пајазит Пајазити

Два проценти доверба од народот и Судскиот совет уште молчи за Пајазит Пајазити, кој дозволи бегство, помилува поранешен функционер на ДУИ и ги ослободи насилниците од скопскиот аеродром. Дали некој во правосудството има дилема зошто народот има 2% доверба, праашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Колкава треба да биде довербата кога институцијата која треба да ја гарантира независноста на судството се става во заштита на ДУИ и СДС?
Судскиот совет со денови го толерира Пајазит Пајазити, кој не само што овозможи да избега Блерим Рамадани, туку и условно го осуди Иџет Мемети кој призна поткуп, наместо да досуди затвор. Тоа е рамно на амнестија. Истиот Пајазити ги ослободи и насилниците од скопскиот аеродром и во целост е усогласен со политиките на ДУИ и СДС, наместо да суди по закон.
Пајазити одамна требаше да биде разрешен, ако Судскиот совет не беше под 100% влијание на ДУИ и СДС“, додава тој.
Член на истиот тој судски совет, како што појаснува, до не одамна беше и сега осудениот Наќе Георгиев, кој беше фатен во поткуп, кој го зел за да влијае друг судија да досуди помала казна за Боро Марлборо.
Асистенција му вршел Иџет Мемети, заменик претседател на Советот на јавни обвинители. И како сега народот да му верува на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, кога тие што седат во него живи се фаќаат како земаат поткуп со цел да влијаат во постапки?
И наместо да преземат чекори кон подобрување. Имаме еден долг и непрекинат молк“, нагласи пратеникот.
Повтори дека реформи во судството мора да има. А пред тоа, како што рече, институциите да си ја завршат работата и да почнат со санкционирање на Пајазит Пајазити, да го спасат оној рејтинг од 2%, ако не се стопил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.