Македонија
Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите
На денешната собраниска комисија за политички систем, пратеникот Бране Петрушевски, се осврна на состојбата во судството. За истото има низа на забелешки во извештајот на Европската Комисија за 2023 кој го разгледуваат пратениците.
Петрушевски посочи дека, проблемот е во тоа што криминалците и високите функционери кои злоупотребуваат државни пари не се соочуваат со правдата.
Според него ,,Наместо да се казнат за своите дела, тие често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите. Од друга страна, обичните граѓани се осудуваат за бенигни прекршоци. Оваа нееднаквост е срам за правосудниот систем на Република Македонија“.
Се осврна на својот предмет, односно што беше осуден за клевета од судијата Неџат Мемети во Основниот суд во Куманово, ја отсликува оваа неправда.
,,Пресудата, која е базирана на неважечки закони, ја покажува врската помеѓу судството и власта. Судот го игнорира уставниот член кој го штити пратеничкиот имунитет за изјави дадени од собраниската говорница, како и пресудите на Европскиот суд за човекови права, кои ја потврдуваат апсолутната заштита на пратениците од граѓанска одговорност за изјави во парламентот. Судијата во целата пресуда цитира одредби од закон за граѓанска одговорност кои што не постојат, законот изменет во 2022 година објавен во службен весник број 251 на 22 ноември 2022 година гласан од моја страна од ова собрание меѓутоа овој судија цитира одредби од неважечкиот претходен закон’’, рече Петрушевски.
Според него, ова е само еден пример за системските пропусти во правосудството.
,,Наместо да ги штити интересите на граѓаните и да обезбеди праведност, судскиот систем честопати станува инструмент на политички интереси и злоупотреба на власта. Доколку ситуацијата не се подобри, граѓаните ќе продолжат да губат доверба во институциите кои треба да ја гарантираат правдата“, вели Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

