Македонија
Пецаков: Пожарот на Галичица од македонска страна е под контрола, се надевам дека денеска ќе биде локализиран

Се огласи градоначалникот на Охрид за пожарот на Галичица.
„Пожарот на планината Галичица од македонска страна е под контрола и нема опасност за населените места и за населението што гравитира на овој потег“, ова се последните информации од екипите што се на терен, информира Кирил Пецаков.
„Во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хеликоптера од страната на Охрид и од страната на Преспа. Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух. Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна, каде што има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налетот на огнот, експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии“, вели тој во својата објава.
Пецаков се надева и верува дека во текот на денешниот ден пожарот ќе биде локализиран и дека ќе се спречи неговото ширење понатаму.
„Им благодарам на сите вклучени на терен, кои со несебичен напор, ден и ноќ, се борат со огнената стихија. Упатувам апел до медиумите, новинарите, населението и туристите да не шират непотребна паника, да споделуваат проверени информации и да се информираат само од релевантни извори“, посочи Пецаков.
Пожарникари, припадници на планинската спасителна група, ренџери од НП Галичица, членови на алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид, доброволци, хеликоптери и „ер трактори“ веќе 10 дена се ангажирани во гаснењето на пожарот на Галичица. Од синоќа на социјалните мрежи се споделува апел до сите граѓани да помогнат во гаснењето на пожарот на планината, кој веќе премина од страната на Охрид откако претходно почна на страната на Албанија и се прошири на македонска страна кон Преспа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зајкова: Имаме искуство што гарантира успех – во недела да го заокружиме бројот 1 и да ставиме крај на поделбите

Со пораки за обединување на центарот и успех на претстојните локални избори во недела, финишираше завршниот митинг на коалицијата „Искуство за успех“.
Пред полната сала за последен пат пред почетокот на изборниот молк се обратија лидерите на партиите кои ја сочинуваат коалицијата, ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР со поздравни говори, во кои го повикаа своето членство на мобилизација и ги споделија своите очекувања за изборите во недела.
„Се воздржував цела кампања да не влезам во дебатата која се трудат да ја наметнат лидерите на двете бивши најголеми партии. Наместо да се бават со локалните проблеми на граѓаните, упорно се занимаваат со теми кои се однесуваат на национални прашања. Престанете со изговори, на народот му требаат резултати. Затоа оваа Коалиција на овие избори се занимаваше со идентификување на клучните проблеми и понуда на решенија. Народот се гуши во смрдеа, умира од карциноми, заглавен е во сообраќаен метеж. ЛДП заедно со оваа коалиција ја презема опозиционата палка на оние во државата кои што се водат од разум и идеја да се направи нешто, а не само да се критикува, плука и навредува. Доста е“, порача во својата изјава претседателката на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, додавајќи дека „големите партии“ 20 дена се рекламираат со народни пари, без да понудат ништо конкретно.
Во својот говор Зајкова вели дека не е точно дека гласот за малите партии е изгубен. Напротив, секој глас е силен и вреден и тоа совршено добро го знаат, затоа и се противат на воведување една изборна единица и отворени листи. Тие, ‘големите партии’, зад себе имаат цели машниерии, имаат милиони народни пари, имаат платени од вас граѓаните аналитички центри, имаат платеници во разни општествени слоеви.
Но, ние имаме искуство, имаме дела, имаме храброст, имаме визија, имаме сон за подобро утре и на крајот и најважно ве имаме вас, драги сограѓани. И вашето присуство вечерва тука е доказ дека сме успеале, сме успеале да создадеме здраво ткиво спремно на борба за промени, спремно за работа, за подобра иднина“, посочува претседателката Зајкова и побара поддршка за бројот 1 да биде нов почеток на граѓанско-политички центар во државата.
„И додека останатите се надвикуваат меѓусебно објаснувајќи кој е повеќе виновен за денешната катастрофа, а всушност сите они се највиновни, ние сме тивки и вредни. Додека останатите ветуваат автопати и авении, ние скромно, со системски решенија чекориме по нашиот пат. Но, убедена сум и како жена и како млада личност, дека веќе во понеделник ќе станеме сериозно гласни, дека нашиот пат, на 19 октомври ќе нѐ одведе на светлата страна на успехот. Затоа што ова општество мора да се помрдне од статус-квото што го живееме повеќе од три децении“, изјави Зајкова, завршувајќи го своето обраќање со повик до граѓаните да стават крај на поделбите и во недела да го заокружат бројот 1.
На митингот се обрати и Стевчо Јакимовски, лидерот на ГРОМ, ги поздрави присутните граѓани и ги претстави проектите за наредните 4 години во Општина Карпош. Со поздравни говори се обратија и носителот на советничката листа за Советот на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Ристо Пенов, кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски, и лидерите на Интегра и ПЦЕР, Љупчо Ристовски и Самка Ибраимовски.
Македонија
Меџити: Милиони евра се инвестираат за развојот на Чаир

Чаир, како историско и академско средиште на Скопје, доживува значајна фаза на развој благодарение на поддршката од Владата.
Кандидатот на коалицијата „Влен“ за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, во дебатната емисија на МРТ соопшти дека во последните 15 месеци се инвестирани околу 100 милиони евра, што претставува само почеток на трансформацијата.
Меѓу главните проекти, Меџити ги спомена:
- Универзитетот „Мајка Тереза“ – инвестиција од 40 милиони евра за изградба на најголемиот и најмодерниот универзитетски кампус во земјата, со што Чаир станува академско средиште со околу 20.000 студенти вклучени во четири универзитети.
- Стар Чаир – инвестиција од 25 милиони евра за реновирање на најстарата чаршија на Балканот, која не била обновувана од османлискиот период.
- Плоштадот „Скендербег“ – проект кој ќе создаде паркинг простор за 800 возила, модернизирајќи ја и функционализирајќи ја централната зона.
Меџити истакна дека Чаир за првпат се трансформира не само со зборови, туку со конкретни проекти и реални инвестиции, кои ќе го донесат овој дел на Скопје во ерата на развојот и ќе ја зајакнат неговата улога како академско, културно и историско средиште.
Македонија
Шукова: Отпадот е ресурс, време е Скопје да добие чист и одржлив систем за управување со отпад

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во гостување на телевизијата Алсат М, зборуваше за проблемите со отпадот, нечистотијата и дивите депонии во градот, нагласувајќи дека потребни се два паралелни процеси итно чистење на градот и долгорочна поставеност на систем по европски стандарди.
„Мора веднаш да се почне со расчистување на отпадот пред секоја куќа, пред секоја зграда, по целиот град, како и со дивите депонии, каде што ќе воспоставиме контрола за да не настануваат повторно”, истакна Шукова.
Според неа, проблемот со Вардариште е еден од најакутните во Скопје.
„Таму мора да имаме 24-часовна заштита, да го преземеме просторот и да започнеме со постепено расчистување. Вардариште, според сите стратешки документи, треба да биде претоварна станица – затоа што мора да имаме претовар на отпадот пред неговото носење во Дрисла“, објасни Шукова.
Таа подвлече дека градот мора итно да воспостави одржлив систем за управување со отпад, кој ќе ја намали количината што завршува на депонии и ќе ја зголеми повторната употреба и рециклирањето.