Македонија
Планинарката Ивона која загина во пожарот е ќерка на единствената пожарникарка во Кочани, колегите тагуваат

Дваесет и едногодишната Ивона Антова – планинарка која загина во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е ќерка на единствената жена пожарникар во Кочани.
Деновиве на социјалните мрежи се споделува нивната трагична приказна. Мајката на Ивона, Стојка е единствената жена-пожарникар во Доброволното противпожарно друштво Кочани, кадешто членувале заедно со нејзиниот сопруг Тоше.
Доброволното противпожарно друштво во Кочани неодамна раскажа дека ноќта на 16 март биле на браникот. И покрај сите околности, десетина нивни членови со две возила скокнале во огнот, волонтерски, а сцените кои ги затекнале вечно ќе им бидат врежани во сеќавањата.
„Секој од нас загуби по некој близок, познаник, пријател, другар а нашите членови, сопружниците Тоше и Стојка го загубија најмилото – ќерката единец Ивона. Изразуваме искрено сочувство во ови болни и тешки моменти за сите жртви и оние кои се борат за живот. Вечна им слава!“, напишаа од Доброволното противпожарно друштво во Кочани.
Претходно и Федерацијата на планинските спортови на Македонија (ФПСМ) изрази најдлабоко сочувство до семејствата на сите жртви од катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани. Од Федерацијата по пожарот известија дека во големата трагедија животот го загубија и младите планинари Ѓорѓи Величков и Ивона Антова.
Планинарите велат дека Ивона била ведро дете, секогаш насмеано, и зрачела со позитивна енергија. Пасијата кон планината ја наследила од родителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени постигнувања во разни области

Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за 2025 година на физички лица, односно поединци или група творци, кои се со живеалиште во Аеродром.
Признанијата се доделуваат како знак на општествено признание за особени постигнувања во стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитувањето и образованието, заштитата и унапредување на животната средина и природата, како и во други области на трудот и творештвото од значење за развојот на Општината и нејзина афирмација во државата и во светот, а тие можат да се доделат и постхумно на истакнати аеродромци.
Рокот за пријавување трае заклучно со 7 април 2025 година (понеделник).
Кандидатите можат да се пријават лично, како и да бидат предложени од правни и физички лица.
Македонија
До петок пороен дожд и грмежи, од недела заладување

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и слаб до умерен северен ветер. Попладне и во вечерните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и ретки грмежи. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, информира УХМР.
Во Скопје ќе биде претежно облачно со повремен дожд, повремено во делови од котлината пообилен. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Од УХМР најавуваат дека продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Утре и в четврток ќе има изолирана појава, а од петок на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Од недела температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Тренчевска: Животниот стандард на граѓаните е на дното, сите пратеници да го поддржат законот на СДСМ за покачување на платите до 15.000 денари

Животниот стандард на граѓаните е на дното. Цените растат, а платите тапкаат во место. Власта одбива да ги покачи платите и работниците ги држи со најниски плати во регионот, истакна на прес-конференција Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.
Потсети дека потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари, и за 100 евра е зголемена во споредба со лани.
Според неа, две минимални плати не се доволни за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство.
„И наместо покачување на платите, покачување на минималната плата и грижа за стандардот на народот, власта ги турка погрешните политики на ДПМНЕ“.
За прв пат, вели пратеничката на СДСМ, минималната плата е договорена без социјален дијалог, без учество на синдикатите.
„Резултатот? Покачување од срамни 1.800 денари, далеку од потребното и далеку од она што го заслужуваат работниците. Истовремено, власта не го почитува ниту општиот Колективен договор – не ги зголемува платите во јавниот сектор за предвидените 12,5%. Додека народот се дави во сметки и трошоци, ДПМНЕ троши за папаја, манго, рејтинзи и медиумски мониторинг. За само девет месеци, оваа влада покажа што ѝ е важно – неработниците, туку бизнис интересите и личниот Пи-Ар.
СДСМ не отстапува, нагласи Тренчевска.
„Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати за работниците. На денешната собраниска седница е Законот за ослободување од плаќање придонеси за зголемени плати поднесен од СДСМ.
Со оваа мерка платите може да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари,
Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси за зголемениот дел,
400.000 работници со плата до 65.380 денари ќе добијат повисоки примања.
Ова е ударна економска мерка за поголеми плати – за работниците, за стопанството, за економијата“.
Ги повика сите пратеници кои се на страната на граѓаните, на страната на работниците, да гласаат и да го поддржат ова законско решение.