Македонија
Платите на наставниците од овој месец се зголемуваат 15 отсто, соопшти МОН
Платите на наставниците и на другите вработени во основните и средните училишта продолжуваат да се зголемуваат. Како резултат на заложбата за создавање квалитетно образование, кое се темели на мотивирани наставници, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Јаким Неделков, потпишаа спогодба која предвидува зголемување на платите на вработените во основните и средните училишта за 15 % почнувајќи од овој септември.
„Чест ми е што токму во време на мојот мандат како министер за образование и наука во 2022 и 2023, практично во период од само една година, платите на наставниците се зголемени во три наврати, односно кумулативно над 35 %. Ова е само потврда дека навистина имаме намера да ги вратиме дигнитетот и достоинството на наставниците што го заслужуваат во општеството затоа што се најважната алка во воспитно-образовниот процес, од што зависи квалитетот на генерациите што се создаваат и без која ниту една реформа не може да успее“, рече Шаќири.
Задоволство изрази и претседателот на СОНК, Неделков, кој посочи дека само со мотивирани наставници може да градиме добра иднина за државата. Истакна дека како синдикат, ќе продолжат да се заложуваат за подобрување на правата и можностите на просветните работници и во иднина, а очекува набргу да се постигне согласност за измени во колективниот договор, со што уште повеќе ќе се стимулира работата на оние што директно ги пренесуваат знаењата на учениците.
Освен покачувањето на платите, во меѓувреме продолжуваат и континуираните обуки на наставниците како единствен начин постојано да јакнат нивните професионални компетенции отворајќи им можности за кариерен развој во звања ментор и советник. Во период од 3 години во звање ментор напредуваа 250 наставници од основните училишта, кои се носители на промените што се случуваат за поквалитетна настава, информираат од МОН.
Владата и Министерството за образование и наука потенцираат од ресорното министерство обезбедуваат системска поддршка за наставниците.
„Работиме на достоинствено вреднување на нивниот труд и посветеност. Тие се ценети и почитувани за важната работа што ја работат – вложувањето во воспитувањето и образованието на децата, кои се иднината на оваа држава“, истакнуваат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Зелениково и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, дел од корисниците од улиците Самоилова и Јоаким Крчовски, како и објектот на Музејот на Современа Уметност, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Зелениково, Ново Село, Страхојадица и Смесница, општина Зелениково;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците лоцирани околу ул. Австралиска бр. 5 во населба Даме Груев, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

