Македонија
Плевнелиев: Скопје да даде гаранции за реформи, Софија да се откаже од ветото
Oднecите меѓy Софија и Скопје треба итно да деескалираат со одлучен чекор направен од двете страни, вели поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев во анализа за „24 часа“.
„Се наоѓаме во историски момент. Бугарија има голема одговорност за она што се случува во регионот. Одлуките што треба да се донесат оваа недела во Софија, Скопје, Берлин и Брисел секако ќе ја сменат насоката. Се надевам дека е за добро на сите. Со среќа“, вели Плевнелиев.
Според него, доброто сценарио е македонскиот премиер Зоран Заев да почне длабоки реформи, воведувајќи ги европските вредности и принципи во политиката, институциите, учебниците, тајните служби, општеството и пристапот кон историјата. Плевнелиев е дециден дека ќе биде добар чекор доколку Заев и Борисов продолжат да разговараат и да прават компромиси.
„Заев мора да покаже добра волја со елиминирање на вештачкото прашање за македонско малцинство во Бугарија, а Борисов да ја прифати статус кво состојбата во Северна Македонија“, вели Плевнелиев.
Тој нагласува дека добро се сеќава на мрачните години од режимот на Никола Груевски, а на Заев гледа како светло во тунелот и надеж за подобра иднина.
Според Плевнелиев, Скопје пред 25 години направило грешка во односите во Грција, а ако тогаш се одлучило за компромис и соработка со властите во Атина, Северна Македонија досега ќе била дел од ЕУ заедно со Бугарија, Хрватска или Романија, а можеби и порано.
Тој вели дека Северна Македонија сега е соочена со истата дилема – да се спротивстави или да соработува со Бугарија. Сепак, како што истакнува Плевнелиев, најголем предизвик за македонската влада во моментот е идеологијата на Тито поддржана од Русија и идејата за „Голема Албанија“ на Албанците во Северна Македонија.
Плевнелиев оценува дека Албанија е понапредна и работи напорно за почеток на преговорите, а како еден од примерите во таа насока го посочува пописот на населението.
„Во Албанија спроведоа национален попис, кој го гарантира правото на различните малцинства, вклучувајќи го и бугарскоро малцинство. Во Северна Македонија сè уште немаме фер попис за сите етнички малцинства. Република Северна Македонија продолжува да негира дека има граѓани со бугарско етничко потекло, наспроти фактот дека над 100 илјади граѓани во Северна Македонија поседуваат бугарски пасоши откако го докажаа своето бугарско потекло“, вели Плевнелиев.
Тој предлага историската комисија да се прошири со ценети историчари од Европа, за да дава објективни резултати.
„Доколку Северна Македонија даде гаранции, прифаќајки ја рамката за преговори предложена од бугарската влада во дијалот со германското претседателство, вратата за членство во ЕУ може да се отвори уште во декември“, вели Плевнелиев.
Според него, лошо сценарио е ако раководството на Скопје одлучи дека стратегијата за победа е да продолжи да се претставува како жртва, што било случај со Грција во минатото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

