Македонија
Побарајте деблокирање на сметките блокирани од извршител пред 5 август 2013 година, Глигорова подели упатство
Активистката Ана Глигорова ги повикува сите граѓани, жртви на извршителите, да поднесат барања за деблокирање на сметките доколку поминале десет години од решението од извршител или, пак, корекција на каматата кај оние од понов датум. Иако има отпор кај некои извршители, кои бараа насоки за постапување, Глигорова вели дека измените на Законот за извршувањето се во сила и деблокадите може да се реализираат.
„Сите граѓани што добиле решение од извршител со датум пред 5 август 2013 година во овој момент веќе имаат законска можност да побараат деблокирање на сметките оти извршувањето е застарено. Оние, пак, што сѐ уште исплаќаат долгови на извршител, но од добивањето на решението не поминале десет години, може да побараат корекција на каматата. Таа не треба да го надмине износот на основниот долг. Кај многумина може веќе да е исплатен долгот и тие немаат никаква обврска, а кај другите значително ќе се намали сумата што треба да ја платат. Не може повеќе за казна од 1.000 денари да се плаќаат 10.000 денари. Со измените каматата не смее да надмине 1.000 денари“, вели Глигорова, активистка од здруженијата „Човекот над профитот“, „Но пасаран“ и „Стоп за грабежот“, за „Макфакс“.
Глигорова вели дека барањата за застарување и за корекција на каматата нема потреба да се поднесуваат преку адвокати. Доволно е граѓаните да ги следат нејзините упатства и сами да ги пополнат барањата.
„Нема потреба граѓаните што имаат едноставни случаи да се изложуваат на дополнителни трошоци за адвокати за да поднесат барања за заостреност. За им излезам во пресрет, на мојата фејсбук-страница објавив детаљно упатство за пополнување на барањето. Доволно е да внимаваат, да го следат и сами да го поднесат. Ние имаме околу 180.000 блокирани сметки. Од нив околу 50.000 се сигурно веќе застарени. Има луѓе што отплаќаат долгови од 1992 година, цели триесет години се под блокади“, објаснува активистката Глигорова.
„Макфакс“ побара бројка на блокирани сметки во моментот, а праша и колку од нив се блокирани од извршители, но од Народната банка на Македонија објаснија дека точна бројка не е достапна оти состојбата се менува.
„Вкупниот број на блокирани трансакциски сметки е високоменлива категорија ако се земе предвид дека, на пример, еден правен субјект може да блокира наеднаш повеќе трансакциски сметки, како и дека еден имател може да располага со повеќе трансакциски сметки. Народната банка го објавува вкупниот број на блокирани трансакциски сметки, кој е достапен со состојба на крајот на март 2023 година“, велат од Народната банка за „Макфакс“.
Според објавата од март годинава, кога е објавен последниот пресек на блокирани сметки, во земјата има 243.999 блокирани сметки.
Застарувањето и корекцијата на каматите беа овозможени со измените и дополнувањата на Законот за облигационите односи изгласани минатиот месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

