Македонија
Повеќе од 100 организации во светот бараат да се воведе ново човеково право – право на здрава планета
Македонско еколошко друштво се приклучува кон апелот на повеќе од 100 граѓански организации од целиот свет кои бараат од Обединетите нации да се воведе нов член во Универзалната декларација на човекови права, со цел да се осигури универзално право на здрава природна средина.
Доколку успеат, ова ќе биде првиот амандман кон Декларацијата од нејзиното воспоставување во 1948 година.
Кампањата #1Planet1Right (Една Планета – едно право) е посветена на воспоставувањето ново универзално човеково право, правото на здрава природна средина. Кампањата ја води најголемото светско партнерство на организации за зачувување на природата, BirdLife International, заедно со други граѓански организации, како ClientEarth и Глобалниот пакт за животна средина.
Д-р Дејвид Бојд, специјалниот известувач од ОН за човекови права и животна средина, исто така ја поддржа кампањата. Кампањата испрати и писмо до Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации, на Денот на планетата Земја и побара воведување на ова човеково право. Лансирањето на глобалната петиција е дополнителен притисок врз ОН да го разгледа барањето.
Кампањата #1Planet1Right ги повикува Обединетите нации да гласаат правото на здрава природна средина да биде дискутирано во Советот за човекови права, во Генералното собрание на ОН, и како итна тема да се постави на самитот на ОН за биолошка разновидност во средината на септември 2020, со цел ова право и конечно да се вклучи во Универзалната декларација на човекови права до 2023 година.
Според Светската здравствена организација, 23 % од смртните случаи во светот се поврзани со загадување или уништување на нашата природна средина (1), а стотици милиони луѓе страдаат од болести поврзани со нездрава животна средина. Проблемот со пандемијата на Ковид-19 е вкоренет во загубата на живеалишта и нелегалната трговија со диви животни. Ова ново човеково право може да овозможи глобално зелено заздравување, кое на светот му е потребно по пандемијата.
„Како еколошка организација, нам ни е драго дека нашиот устав го гарантира правото на секој граѓанин на здрава животна средина. Од друга страна, сведоци сме дека тоа е гаранција што тешко се исполнува. Затоа ни е јасно дека ниту една држава, односно нејзините граѓани, не може целосно да се изборат за ова право настапувајќи самостојно. Природата, животната средина – тие немаат граници и сè додека нивната заштита не стане цел на сите граѓани на планетата, човештвото ќе се соочува со зголемен ризик од влошување на условите за живеење. Во таква состојба гарантирањето и исполнувањето на гаранциите за здрава животна средина, како основно човеково право, мора да ги надрасне државните граници. Затоа, и вас ве повикуваме да учествувате во оваа глобална кампања, да помогнете правото на здрава планета да биде универзално право“, изјави Методија Велевски, заменик-директор на Македонско еколошко друштво, по повод почетокот на оваа глобална кампања.
Дејвид Р. Бојд, специјален известувач од ОН за човекови права и животна средина, нагласува дека правото на здрава планета, како универзално признаено човеково право, би било силна алатка во битката за спасување на нашиот живот на планетата.
„Осигуреното право на здрава природна средина е она што им овозможува на многу држави во светот да напредуваат. Затоа, сега треба да го искористиме налетот на глобалните еколошки кризи за да ги убедиме Обединетите нации дека признавањето на ова право ќе биде од корист за сите нас. Човековото право на здрава планета, ако се признае од страна на сите нации, ќе биде едно од најважните човекови права во 21 век“, нагласува Бојд.
Доколку ја потпишете оваа петиција, вие му овозможувате на МЕД да бара од нашите претставници во Обединетите нации да ја поддржат оваа иницијатива. Вашиот глас овозможува подобра основа за борба со климатските промени и загадувањето, подоследно применување на националните закони од областа на заштита на животната средина и посуштинско информирање и образование за оваа тема.
Линк до петиција: http://mes.org.mk/zhivot-na-zdrava-planeta-treba-da-bide-chovekovo-pravo/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

